НЕПИСМЕНОСТ

НЕПИСМЕНОСТ – еден од најгорливите општествено-политички и педагошки проблеми на македонското општество. Низа историски, економски, политички и социјални околности придонеле неписменоста да биде постојан придружен проблем на општествениот развој. Непосредно по Ослободувањето, над 60% од населението во Македонија (над 10годишна возраст) било неписмено. Борбата против неписменоста се водела со: (1) организирање аналфабетски курсеви и (2) преземање мерки за што поцелосен опфат на школскообврзната популација во основното образование и за спречување на осипувањето на учениците. Само во текот на првите 5 години по Ослободувањето (1945–1950) се организирани повеќе од 9.000 аналфабетски курсеви, во кои биле опфатени околу 300.000 неписмени лица. Како резултат на овие и други преземени активности, процентот на неписмените постојано опаѓал. Статистичките показатели ја даваат следнава периодична слика на опаѓањето на процентот на неписменото население: 1948 – 40,3%; 1961 – 24,5%; 1994 – 6,7%; 2004 – 3,9%. ЛИТ.: К. Камберски, Од буквар до универзитет, Скопје, 1994. К. Камб.