КОНСТАНТИНОВ, Милош Христов (Ресен, 26. Ⅲ 1926 – Скопје, 7. Ⅵ 1993) – етнолог, историчар и публицист, долгогодишен директор на градските архиви на Битола и на Скопје, универзитетски професор. Основно училиште и гимназија завршил во Битола (1937-1946). Бил учесник во НОАВМ и на служба во ЈНА (1944-1947). Го издавал бригадниот весник „Зрак” (1944) и објавувал стихови. Откако го завршил едногодишниот курс за новинари во ТАНЈУГ-овата школа (1947/1948), бил назначен за дописник на ТАНЈУГ за Битолската област со седиште во Битола. По дипломирањето на скопскиот Филозофски факултет – на Групата за етнологија (1954), бил назначен за директор на Архивот во Битола (1956). Докторирал на Природно-математичкиот факултет во Скопје на тема „Занаети и еснафи во Битола и околијата” (1960). Подоцна бил назначен за директор на Архивот на Скопје (1964), избран за виш научен соработник (1968) и научен советник (1969). По пензионирањето (1984) избран за редовен професор на Природно-математичкиот факултет по наставните предмети етнологија на Македонците, етнологија на европските народи и етнологија на воневропските народи. Автор и коавтор е на голем број монографии, студии и други прилози, една збирка поезија за деца и неколку книги проза на теми од македонското минато. Често работел како коавтор со брат му Душан Константинов (в). Има значаен придонес во истражувањето на македонското минато, етнологијата на Македонците и архивистиката во Македонија. БИБ.: Зборник на паднатите борци во Народноослободителната борба од Битолска околија, Битола, 1958 (коавтор); Архив Битола, Битола, 1961 (со коавтор); Занаети и еснафи во Битола и околијата: причини за развиток и опаѓање со осврт врз нивната улога во ⅩⅠⅩ и ⅩⅩ век, Битола, 1961; Анегдоти, Битола, 1961 (со коавтори); Бекство, Битола, 1961 (со коавтор); Блокада, Битола, 1961 (со коавтор); Напад, Битола, 1961 (со коавтор); Чарли, Битола, 1961 (со коавтор); СКОЈ. Гимназија Битола (1941–1944), Битола, 1962; Хроника на битолско Лавци, Битола, 1962 (со коавтори); Горан (стихозбирка за деца), Битола, 1962; Летопис на Вториот реонски комитет на Комунистичката партија на Југославија – Битола (1941-1944), Битола, 1963 (со коавтори); Пуста Река, Битола, 1963 (со коавтори); Битола. Скица за водичот, Битола, 1964 (со коавтор); Противпожарната активност во Битола, Битола, 1964 (со коавтор); Битола и околијата, Битола, 1965; ПТТ во Македонија – општ осврт врз историскиот развој, Скопје, 1970 (со коавтори); Синдикатите во Скопје (1900-1908-1971). Прилог за историјата на работничкото и синдикалното движење, Скопје, 1971 (со коавтори); Заштита на архивската граѓа. Анализа на архивските прописи со осврт врз нивното значење во организирањето на општествената заштита на архивската граѓа и регистраторскиот материјал, Скопје, 1972; Стварна и месна надлежност на локалните органи на власта и управата во Социјалистичка Република Македонија, Скопје, 1974; Водич низ архивските фондови во Архивот на Скопје, Скопје, 1976; Прилози и публикације архивских радника Југославије, Београд, 1976; Драмски театар – Скопје (1946-1976). Триесет години творечки подем, Скопје, 1976 (со коавтори); Водич низ архивските фондови во Историскиот архив Битола, Скопје, 1977; Водич низ историските фондови во Историскиот архив на општините Тетово и Гостивар, Скопје, 1978; Кратка етничка и културна историја на македонскиот народ (КЕКИМАН), кн. 1, Скопје-Битола, 1978 (со коавтори); Етноономастички прилог, Скопје, 1978; Георги шоптрајанов. Прилог кон неговиот животопис (1907-1944), Скопје, 1979; Материјали за етнологијата на Македонците. (Етнологија на Македонија), кн. 2, том 1, Скопје, 1979; Збирен водич низ архивските фондови во архивите на Македонија, Скопје, 1980; Етнологија, И, Скопје, 1980; Јордан Николов-Орце. Прилог кон биографијата. Скопје, 1984; Архивистика за Ⅲ година на средното насочено образование (културолошка насока), Скопје, 1986; Европејци, Скопје, 1991; Македонци, Скопје, 1992; Американци, Австралијци и Океанци, Скопје, 1993. ЛИТ.: Блаже Ристовски, Македонскиот стих 1900-1944. Истражувања и материјали, Ⅱ Скопје, 1980, 453-456; Фима Анастасовска – Милка Крстевска, Библиографија. Милош Константинов, Музеј на Македонија, Скопје, 1994. С. Мл. КОНСТАНТИНОВИЌ, Михајло