ДОНЕВСКИ, Ѓорѓи

ДОНЕВСКИ, Ѓорѓи (с. Бапчор, Костурско, Егејскиот дел на Македонија, 4. Ⅱ 1934) – општественополитички и културен деец. По Граѓанската војна во Грција неговите родители, браќа и сестри заминале за СССР, Полска и Романија, а тој како дете-бегалец бил згрижен во Цриквеница (1848) и потоа во Самобор кај Загреб, каде што го минал детството. Завршил училиште за автомеханичари и потоа се вработил во „Авторемонт“ во Скопје. Како вонреден ученик го завршил Средното медицинско училиште, а како вонреден студент дипломирал и на Педагошката академија во Скопје. Како истакнат младински активист и учесник во повеќе младински работни акции, над две децении бил на разни раководни функции во ССММ, ССРНМ и СКМ. По негова иницијатива се формирани КУД „Гоце Делчев“ од Скопје, пејачките групи „Бапчорки“ и „Воденки“.Се пројави и како успешен собирач на македонски народни песни од Егејскиот дел на Македонија. Беше долгогодишен организатор на Манифестацијата „Песна за Гоце“. Сега е активист на Друштвото за човекови права, секретар на Сојузот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, генерален секретар на Организациониот одбор на Ⅳ светска средба на децата-бегалци од Егејскиот дел на Македонија и главен и одговорен уредник на в. „Незаборав“. БИБ.: Сокол ми лета високо. Збирка на изворни револуционерни и лирски народни песни од Егејска Македонија. Мелографирал Живко Фирфов, Скопје, 1978. С. Мл.