ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА

ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА (1946–1949) – внатрешна војна помеѓу КПГ и монархистичката грчка влада по Втората светска војна. По Договорот во Варкиза и обезоружувањето на единиците на ЕЛАС (12. Ⅱ 1945), Владата почнала да спроведува терор против опонентските КПГ, ЕАМ, ЕЛАС и особено против Македонците. Во почетокот на 1946 г. КПГ решила воено да се противстави на монархистичкиот режим. Граѓанската војна почнала со нападот на полициската станица во с. Литохоро (1946). Во 1947 г. биле формирани првите партизански групи, а во октомври Врховниот партизански штаб и обласните штабови за Македонија, Епир, Тесалија, Пелопонез и Тракија, па е конституирана и Привремена демократска влада на Грција (ПДВГ) на слободните територии. Грчката војска (12.000), со помош на САД, започнала офанзивни дејства против единиците на Демократската армија. Во 1948 г., во регионот Пинд-Грамос, се одвивале големи воени операции за уништување на партизанските единици. Единиците на ДАГ трпеле порази на Пелопонез и во Тесалија. Во август 1949 г., по тешки битки на Грамос и на Вичо, ДАГ била поразена и на 15 окт. Привремената демократска влада објавила запирање на воените дејства. Во Граѓанската војна во Грција Македонците масовно учествувале на страната на КПГ, единствената политичка сила што го признала македонскиот национален идентитет. Во редовите на ДАГ војувале 15.000 Македонци, ок. половината од силите на ДАГ. Главниот штаб на ДАГ со посебен акт ги признал правата на малцинствата во Грција, по што Македонците ги афирмирале своите етно-културни вредности. Во периодот од 1947 до 1949 г., во Егејскиот дел на Македонија биле отворени курсеви за македонски народни учители, работеле 87 македонски училишта со 10.000 ученици и биле публикувани весници на македонскиот литературен јазик. Македонскиот јазик бил воведен во богослужбата, биле формирани македонски културно-уметнички друштва што го афирмирале македонскиот збор преку песни и ора. Поразот на КПГ во Грција (1949) имал тешки последици за Македонците. Македонското име и македонскиот јазик повторно биле забранети. Околу 20.000 Македонци го загубиле животот, а 60.000 (Македонци и Грци), меѓу кои и 28.000 деца, емигрирале во источноевропските земји (Југославија, СССР, Романија, Владините војници во Граѓанската војна во Грција во акција Полска, Унгарија, Бугарија и Чехословачка). ЛИТ.: Л. Пановска, Граѓанската војна во Грција (1946–1949), Крај на една илузија, Скопје, 2003; Р. Кирјазовски, КПГ и македонското национално прашање 1918– 1914, Скопје, 1982; С. Киселиновски, Статусот на македонскиот јазик во Македонија (1913–1987), Скопје, 1987; Н. Пејов, Македонците и Граѓанската војна во Грција, Скопје, 1968. Ст. Кис.