ВЕНДЕЛ, Херман

ВЕНДЕЛ, Херман (1884–1936) – германски писател, публицист и политичар; повеќегодишен народен пратеник во германскиот парламент (Рахјстаг), познавач на состојбите на Словенскиот Југ, кој низ бројни написи во печатот и во одделни книги (1916-1936) изнесува богати аналитички видувања за народите на Балканот, а меѓу нив и за Македонците. Херман Вендел се пројавува како заштитник на Македонија и на нејзиното право на суверен живот во време кога фашизмот стапува на европската политичка сцена. Тој ја брани самобитноста на македонските Словени од позициите на германски социјалдемократ. Жестоко го осудува бугарското присвојување на Македонија и поведува остра полемика со извесниот македонствујушт Димитар Ризов, пројавен публицист и то-гашен бугарски амбасадор во Германија (1916/1917), кој беше го обвинил Вендел дека се повел по гледиштата на Ј. Цвииќ. Во серијата статии, главно за феноменот на македонските Словени, за кои Вендел смета дека се самобитна словенска нација, паѓа в очи неговата широка информираност за македонските состојби и солидно познавање на веќе постојната литература за македонското прашање. БИБ.: на германски јазик: Хајнрих Хајне (1916); Јужноевропски прашања (1918); Од и за Јужните Словени (1920); Од јужнословенската преродба (1921); Хабзбурзите и јужнословенското прашање (1924); Јужнословенски силуети (1924) и Дантон (1932). На српски јазик: Југославија, Италија и Албанија (1923), Борбата на Јужните Словени (1925) и За Југословените во Гетеовото огледало (1932). Г. Т.