БУКОВИЌ

БУКОВИЌ – средновисока планина во Западна Македонија, што се наоѓа помеѓу Кичевската Котлина на југ и Полошката Котлина север, и помеѓу планините Бистра на запад и Добра Вода на исток. Има динарски правец на протегање СЗ – ЈИ. Највисок врв е Тепе (1.528 м). Источниот дел на Буковиќ е издвоен како посебен познат под името Корито. Површината на Буковиќ е 79 км². Геолошкиот состав го оформуваат палеозојски шкрилци во подината, а преку нив лежат мермеризирани тријаски варовници, чијашто дебелина изнесува 200 – 300 м, и се силно карстифицирани. Буковиќ е типично карстна планина на која поради интензивната карстификација се изградени сите карстни облици: шкрапи, вртачи, ували, карстни полиња, пештери и др. Ѓоновичка пештера е една од најатрактивните и подолги пештери во Република Македонија . ЛИТ.: Д. Манаковиќ, Т. Андоновски, Геоморфологија на планината Буковиќ, „Годишен зборник на Географскиот факултет”, кн. 25, Скопје, 1979. Т. Анд.