БИГЛА

БИГЛА – средновисока планина што претставува природно продолжение на Илинска и Плакенска Планина. Има динарски правец на протегање сз–ји во должина од 16 км. На запад ограничена со Ресенско Поле и долината на Голема Река, на исток со долините на шемница и Боишка Река, а на југ со превалот Ѓавато (1.167 м) е одвоена од планината Пелистер. Во овие граници зафаќа површина од 179 км². Има седум врвови повисоки од 1.500 м, а највисок е Црни Врв (1.935 м), кој се наоѓа во крајниот северозападен дел. Геолошкиот состав е претставен со палеозојски шкрилци, гранитоиди и тријаски конгломерати. Геолошкиот состав, климатските одлики и големата пошуменост условиле појава на кратки водотеци. Т. Анд.