БАЛКАНСКИ СОЈУЗ

БАЛКАНСКИ СОЈУЗ (1912) – сојуз меѓу Бугарија, Србија, Грција и Црна Гора за војна против Османлиската Империја за освојување на нејзините балкански владеења. Сојузот бил создаден со потпишувањето двострани договори. Бугарија и Србија потпишале Договор за сојуз (29. Ⅱ / 13. Ⅲ 1912). Со Договорот заемно си гарантирале државна независност и територијален интегритет, заеднички да војуваат и да склучуваат мир заеднички, по претходен договор. Во Тајниот додаток кон Договорот за сојуз се обврзале да воспостават заедничка власт (кондоминиум) на заземените територии до воспоставувањето на ми-рот, најдоцна три месеци потоа да се изврши поделба и територијално разграничување. Бугарија и Грција номинално потпишале Договор за одбранбен сојуз (16 /29. Ⅴ 1912), заемно да се помагаат со сите свои оружени сили, сепаратно да не склучуваат мир, освен по претходна согласнот. Сојузот меѓу Србија и Црна Гора бил подготвен во април, а потоа бил официјализиран (23. IX / 6. Ⅹ 1912), со склучување Политичка и Воена конвенција за заедничка воена акција, со што бил комплетиран Балканскиот сојуз. ЛИТ.: Македонија во војните 1912-1918, Скопје, 1991; Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, Скопје, 2000; Александар Хистов – Јован Донев, Македонија во меѓународните договори 1875-1919, Скопје, 1994; Балкански уговорни односи, 1876-1918, И, Београд, 1998. М. Мин.