БАКАЛОВ, Георги Иванов (Стара Загора, Бугарија, 1873 – Москва, СССР, 1939) – припадник на бугарското социјалдемократско и комунистичко движење. Истакнат независен публицист, исклучуван од БКП. Го поддржувал и го помагал македонското ослободително дело, со девизата: „Македонија на Македонците“. Во анкетата на „Балканска федерација“ (1925) за решавање на македонското прашање ја осудил поделбата на Македонија и пледирал македонското прашање да се реши врз правото на самоопределување на македонскиот народ и за создавање сопствена држава. ЛИТ.: Европа за Македонија. Истакнати европски интелектуалци за македонското национално прашање (1925–1929 год.). Избор и предговор д-р Орде Иваноски, Скопје, 1991; Историска вистина. Прогресивната општествена јавност во Бугарија и Пиринска Македонија за македонското национално прашање. Документи, студии, резолуции, апели и публицистички прилози 1896–1956 год. Избор и редакција Перо Коробар, д-р Орде Иваноски, Скопје, 1981. О. Ив.