АНДОНОВСКИ, Христо (с. Цакони, Мегленско, 15. IX 1917 – Скопје, 1. Ⅶ 2002) – учител, деец на Македонското националноослободително движење во Егејскиот дел на Македонија, новинар, публицист и општественик. Завршил гимназија на грчки јазик во Воден, а дипломирал на Педагошката академија во Солун (1940). Неколку години работел како наставник во мегленските села и во градот С’ботско (Аридеја). Во есента на 1941 год., како организатор на младината во с. Долно Пожарско, стапил во Движењето на отпорот во Грција. Бил одговорен по Агитпроп во Реонската организација на КПГ во С’ботско и одговорен во Реонскиот комитет на ЕАМ за Јужен Меглен, со седиште во с. Драгоманци (Апсалос). Бил назначен за организационен секретар (летото 1944), а потоа и за политички секретар на Градскиот комитет на КПГ за Воден (Едесса). Наскоро бил кооптиран за член на Поширокиот состав на Окружниот комитет на КПГ за Воденскиот округ (декември 1944 – 26. Ⅱ 1945). Поради несогласувањата со дискриминаторската политика на КГП по македонското национално прашање, преминал во НРМ (ФНРЈ). Како искусен македонски револуционер, од патриотски причини, пак се вратил во родниот крај и зел учество во Граѓанската војна во Грција (јануари 1947) како одговорен за печатот при Агитпроп на Главниот одбор на НОВ за Егејска Македонија (до декември 1948). Но, поради нов судир со КПГ по македонското национално прашање, пак доаѓа во НРМ, каде што работи како уредник на емисиите на Радио Скопје за нашите сонародници во Егејскиот и Пиринскиот дел на Македонија, како главен уредник на в. „Глас на Егејците“ (1951-1954), дописник на „Нова Македонија“ од Софија (1954-1955) и 15 години е уредник на страницата „Нашите во светот“ во истиот весник. Потоа станува главен и одговорен уредник на сп. „Македонија“ на Матицата на иселениците од Македонија, од каде и заминува в пензија (1969-1983). Автор е на голем број статии во разни списанија („Гласник“ на ИНИ, „Културен живот“, „Македонска ревија“, „Македонско време“, „Разгледи“, „Современост“ и др.). Учествувал и на повеќе научни собири. Негова основна публицистичка определба е минатото и современоста на Егејскиот дел на Македонија. БИБ.: Егејска Македонија, Скопје, 1951; Мегленската област во НОБ, Скопје, 1961; Постои ли за Грција малцинско прашање во Егејска Македонија, Скопје, 1968; Македонците под Грција во борбата против фашизмот, Скопје, 1968; Лазо Трповски, Скопје, 1968; Драмското востание, Скопје, 1968; Дипломатска антимакедонска игра, Скопје, 1970; Вистината за Егејска Македонија, Скопје, 1971; Лазо Трповски, Скопје, 1975 (романизирана биографија); Странците за Македонија и Македонците, Скопје, 1978; Јужна Македонија од античка до денешна Македонија, Скопје, 1995. С. Мл.