АЗБУКА

АЗБУКА – Графемскиот изглед на македонското кирилично писмо А, а Б, б В, в Г, г Д, д Ѓ, ѓ Е, е Ж, ж З, з Ѕ, ѕ И, и Ј, ј К, к Л, л Љ, љ М, м Н, н Њ, њ О, о П, п Р, р С, с Т, т ќ, ќ У, у Ф, ф Х, х Ц, ц Ч, ч Ⅹ, џ ш, ш – утврден редослед на графичките знаци и на гласовите во писменото и усното изразување во јазиците што користат кирилица. Името го добива според првите две букви (аз, буки) во изворното словенско писмо. Современата македонска азбука е реформирана по Ослободувањето и има 31 буква, колку што има и гласови во македонскиот стандарден јазик. Министерскиот совет на НР Македонија, по повеќемесечна работа на неколку комисии, врз основа на Резолуцијата на последната Комисија за јазик и правопис при Министерството за народна просвета, во состав: Венко Марковски, поет; Васил Иљоски, директор на гимназија; Мирко Павловски, професор; Блаже Конески, лектор; Круме Тошев, шеф на стручните школи; Иван Мазов, уредник на „Млад борец”; Густав Влахов, публицист; Владо Малески, директор на радио Скопје; Киро Х. Василев, публицист и капетан Илија Топаловски, началник на пропагандното одделение на Главниот штаб, го усвои нејзиниот графемски состав на 3. Ⅴ 1945 година. Македонската азбука е заснована врз фонетскиот принцип, што значи за секој одделен глас во јазикот има буква во азбуката. ЛИТ.: Бл. Конески, Граматика на македонскиот литературен јазик, Скопје, 1982; К. Камберски, Од буквар до универзитет, Скопје, 1994. К. Камб.