АЖДЕР,АЖДА, АЖДАЈА, ЛАМЈА

АЖДЕР,АЖДА, АЖДАЈА, ЛАМЈА. (тур. ејдерха). – демон-ска претстава во вид на повеќеглаво змијолико чудовиште што живее во езерата и во длабоките вирови, во шупливите дрвја и пештерите, со исклучително негативни особини. Неговиот женски облик е ламјата. Во верувањата се појавува само во животински облик, а во народното творештво се претставува и како човек. Неговото потекло се поврзува со преобразбата на стогодишните смокови или змејови во демонски битија: тело со рибја лушпа, со една или повеќе кучешки или коњски глави (од три до четириесет), голема коса, вилици, заби и јазик, четири нозе, остри нокти, големи крилја, опашка, со лаком и крвожеден карактер и можност да исфрла оган и пламен од очите и устата. Се смета за ненаситно суштество, одразено и во народните пословици и поговорки. Во некои верувања е главатар на змиите, предизвикува затемнување со напад на Сонцето, ги спроведува градоносните облаци и сл. Се верува дека со него можат да се справат само св. Ѓорѓи со копјето и св. Илија со громовите. Во тоа бегање од опасноста, може да се сокрие и во стомна на жетварите (Порече). ЛИТ.: Танас Вражиновски, Народна демонологија на Македонците, Скопје-Прилеп, 1995, 47-51; истиот, Народна митологија на Македонците, кн. 1, Скопје-Прилеп, 1998, 188-193. С. Мл.