КУРБАН

КУРБАН -. обредна жртва дадена по одреден повод. Во далечното минато жртвите се давале на паганските божества, а подоцна тие им биле наменети на светителите, иако христијанската црква има негативен однос кон оваа појава. Кирил Пејчиновиќ во делото „Огледало” (Будим, 1816), каде што зборува за суеверието меѓу народот, посебно го нагласува курбанот како нешто што не смее да се изведува во кругот на црквата. Сепак, курбан се дава и за повеќе празници што се празнуваат со домашни служби. Се верува дека во минатото се жртвувале и луѓе, особено млади, но подоцна овој суров обичај бил заменет со жртвување животни (јагне, теле и сл.). Особено позната жртва е колењето курбан во темелот на куќата или на друг поголем објект. Се верува дека секоја поголема градба (куќа, кула, мост и др.) нема да се застои ако во темелот не се заѕида жртва. ЛИТ.: Марко К. Цепенков, Македонски народни умотворби, кн. 9, Народни верувања, Детски игри, Скопје, 1972, 48; Кирил Пејчиновиќ, Собрани текстови, Приредил Блаже Конески, Скопје, 1974; Танас Вражиновски, Народна митологија на Македонците, кн.1, Скопје-Прилеп, 1998, 267–269 и кн. 2, 111–112, 120, 124–143. М. Кит.