ЏЕРОВ, Никола Георгиев

ЏЕРОВ, Никола Георгиев (Софија, 4. Ⅸ 1892 – Софија, 1. Ⅺ 1975) – бугарски и македонски поет, прозаист и публицист. Син на преселници од Охрид што живеат во бегалскиот софиски квартал Јучбунар, па уште мал го усвојува македонскиот како домашен јазик. Ја завршува гимназијата и студиите по словенска филологија на Софискиот универзитет. Во 1914–1915 г. престојува во градот на неговите родители и пишува стихови на македонски јазик. Активно учествува во Академското друштво „Бело Море“ (1914–1917). Во зачуваниот ракописен „Беломорски дневник“ (потпишан со псевдонимот Џеронимо) е забележена и песната „Откако те видоф“ што подоцна влегува со други три и во стихозбирката со негови стихови (и на македонски) „Охридска прол‹тÍ. Спомени“ (1923), а две од нив и во збирката со нотирани македонски песни од Ј. Чешмеџиев (1926). Работи како редактор и член на Редакцијата на органот на Македонскиот младешки зговор, преименуван во Сојуз на македонските младешки културно-просветни организации во Бугарија „Устрем“ (1923–1926). Потоа е член на Редакцијата на легалниот орган на ВМРО „Македония“ (1926–1928), но по убиството на Ал. Протогеров, како револт „поради братоубиствата на Македонците што се разгореа во Бугарија“, ја напушта Редакцијата. Објавува литературни и публицистички прилози во разни списанија и весници во Бугарија (и под псевдонимите Бојко и Македонец), како и преводи во повеќе антологии од француски, руски и германски поети. БИБ.: Благословията надÍ св‹та“, ТроянÍ, 1923; Охридска прол‹тÍ. Спомени, С., 1923; На ÓгÍ. Разкази и спомени изÍ македонския животÍ, С., 1928; Про-л‹тÍ краŸ езерото. Стихове, С., 1930; БратоубиŸството, С., 1933; Живата легенда на ОхридÍ, С., 1934; Далечната земя, С., 1938; ГергÏовденски лÓлки. Стихотворения, С., 1940). ЛИТ.: Д-р Блаже Ристовски, Кога стихотворбата требаше да станува песна (Ј. Чешмеџиев, А. К. Попорушев и Н. Џеров), „Современост“, ЏЏИВ, 5–6, 1974, 463–469; истиот, Македонскиот стих 1900–1944. Истражувања и материјали, И, Скопје, 1980, 108–112. Бл. Р.