СТАНБЕНАТА АРХИТЕКТУРА

СТАНБЕНАТА АРХИТЕКТУРА – објектите за домување (од различен вид), создавани во разни историски периоди, креирани за специфична намена. Во историскиот преглед на архитектонскиот развој во Македонија, со своите естетски и функционални вредности, посебно се истакнува станбената архитектура од втората половина на ⅩⅠⅩ в., која со својата содржина, функција и обликовни компоненти достигнува највисок степен на развојот. Таквата состојба почнува полека да се трансформира кон крајот на ⅩⅠⅩ в., кога во архитектурата на македонските градови почнуваат да продираат европските архитектонско-стилски влијанија што придонесува да дојде до функционална, конструктивна и формално-обликовна трансформација. Станбената архитектура бележи специфичен развој и во периодот од почетокот на ⅩⅩ в. и во периодот меѓу двете светски војни и го обележува својот најзабележителен развој по Втората светска војна, следејќи ги сите случувања на општествен и уметнички план, кои директно ја профилираат станбената архитектура и ги бележат осцилациите во нејзиниот развој. ЛИТ.: Кокан Грчев, Архитектонските стилови во Македонија од крајот на ⅩⅠⅩ век и периодот меѓу двете светски војни, Скопје, 2003; Борис, Чипан, Македонските градови во ⅩⅠⅩ век и нивната урбана перспектива, Скопје, 1978; истиот, Старата македонска куќа: вредности на културната традиција, Скопје, 1964. К. Гр. Никита Станеску