КРИВА ПАЛАНКА

КРИВА ПАЛАНКА – град во североисточниот дел на РМ, има 14.558 ж. (2002 г.). Лежи во крајниот источен дел на Славишката Котлина, од двете страни на Крива Река, на надморска висина од околу 620 м. Зафаќа површина од 400 ха. Има умерено-континентална клима со просечна годишна температура на воздухот од 10,1°Ц, и просечна годишна количина на врнежи од 633 мм. Низ градот поминува магистралниот пат М–2, кој на запад го поврзува со Куманово, а на исток со ќустендил и Софија во соседна Бугарија. Основана е од везирот Бајрам-паша како тврдина на патот Скопје– Софија (1633). Името го добила по Крива Река и во почетокот се викала Криворечка Паланка или на турски Егри Дере Паланка. Според описот на Евлија Челебија од 1660 г., се состоела од тврдина во која имало 50 куќи, магацин и џамија и предградие со 800 куќи, повеќе дуќани, карван сарај, три џамии и амам. Во ⅩⅤⅠⅠ и ⅩⅤⅠⅠⅠ в. градот бил познат како рударско место во кое се добивало мошне квалитетно железо и бил развиен ковачкиот занает. Кога ја посетил Ами Буе (1836), во неа имало неколку топилници за железна руда и самокови. По ослободувањето на Бугарија дел од Македонците од Крива Паланка се отселиле во Бугарија, а на нивно место се населиле Турци, бегалци од Бугарија. Меѓутоа, по Балканските војни тие нагло се иселиле во Турција, така што во 1921 г. во К. П. имало само 2.148 ж. Територијално и урбано градот бил доста проширен во годините по Втората светска војна. Денеска најголем дел од населението (95%) се Македонци, а од малцинствата во поголем број се застапени единствено Ромите (668 ж.) и Србите (88 ж.). К. П. е седиште на општина што зафаќа површина од 48.081 ха, има 34 населени места со 20.820 ж. Населението главно е вработено во рударството и во индустријата. Постои рудник за оловна и цинкова руда „Тораница”, текстилна фабрика, гимназија и здравствен дом. Во непосредна близина на градот во месноста Сарандопор се наоѓа манастирот „Св. Јоаким Осоговски” со две цркви, конаци и голема трпезарија. ЛИТ.: Павле Даскалов, Географска монографија на Крива Паланка, „Географски разгледи”, кн. 2–3, Скопје, 1965. Ал. Ст. Кањонот на Крива Река