ГОСТИВАР – град во северозападниот дел на Република Македонијасо 35.847 ж. (2002). Лежи во котлинската рамнина на Горни Полог, на простор каде што се вкрстуваат значајни сообраќајни правци. Со Скопје преку Тетово е поврзан со автопат кој како магистрален пат М–4, понатаму продолжува за Кичево и Охрид. Од Г. преку Маврово и долината на Радика води регионален пат за Дебар и Струга. Г. е значајна станица на железничката линија Скопје–Кичево. Топографски се простира на левата страна на р. Вардар на надморска височина од 550 м. Зафаќа вкупна површина од 804 ха. Центарот на Гостивар Климата во градот е умереноконтинентална. Средната годишна температура на воздухот изнесува 10,7°С. Главен хидрографски објект е реката Вардар и нејзиниот извор Вруток, од каде што градот се снабдува со вода. Првите податоци укажуваат дека тој во почетокот бил селска населба што се формирала околу Гостиварскиот манастир. Како таква се спомнува во една повелба на царот Душан од 1331–1340 г., во која се наведува дека е село на реката Велика (Вардар). Оттогаш, па сè до ⅩⅤⅠⅠ в. за Г. малку се знае. Во наредните векови, особено во ⅩⅠⅩ в., се развил како стопанско средиште на Горни Полог. Тогаш прераснал во гратче со мешана етничка структура. Населението се состоело од Македонци, Турци, Албанци, Роми и мал број Власи. Во осумдесеттите години од ⅩⅠⅩ в. станува мидерлак и започнува да се развива како административно средиште. Таа функција му е зголемена во 1900 г. кога од мидерлак е претворен во кадилак. Во него постепено се населуваат тетовски и велешки трговци и призренски, кичевски и крушевски занаетчии што ја формираат гостиварската чаршија. Покрај Беговската и Чинар маалата, формирани се Каурското Маало, Батак Маало, Дебар Маало и Новото Маало. За последниве 100 години населението е зголемено речиси за десетпати. Како и порано така и денес градот е со мешан етнички состав. Во 2002 г. бројот на Македонците изнесува 11.885 ж. или тие учествуваат со 33,2%. Од малцинствата најзастапени се Албанците и нивниот број изнесува 16.890 ж. или 47,1%, по нив следат Турците (4.559 ж. или 12,7%), потоа Ромите (1.899 ж. или 5,3%), Србите (146 ж. или 0,4%), Бошњаците (34), Власите (15), и други (419). Денес Г. е административен и стопански центар на Горни По-лог. Тој е седиште на општина што зафаќа површина од 51.331 ха, има 35 населени места со 81.042 ж. Од индустриските објекти во градот, поважни се: „Силика” – фабрика за огноотпорни материјали, „Мермери” – рудници и индустрија за украсен камен, „Готекс” – текстилна фабрика, индустриска кланица „Горни Полог” и др. Во околината се хидроцентралите „Вруток” и „Равен”. Во градот има три средни училишта, работнички универзитет, библиотека, кино и здравствен дом. ЛИТ.: Јован Ф. Трифуноски, Гостивар, „Гласник географског друштва”, св. ЏЏЏИИ, Београд, 1947; Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002, кн. Ⅹ, ДЗС, Скопје, 2004. Ал. Ст.