БРАТСТВО

БРАТСТВО“ (Дебарца и Меглен – Воден, 1 декември 1943 – 1. Ⅳ 1944) – весник, орган на Првата македонско-косовска народноослободителна ударна бригада. Непосредно по формирањето, била формирана специјална Комисија за агитација и пропаганда, која покренала и издавање весник. Според националниот состав на бригадата, излегувал на македонски и на српски јазик, на 12–16 страници голем формат, а бил умножуван на циклостил во 150–200 примероци. Објавени се вкупно четири броја (последниот троброј 2–4). Првиот број е објавен во Дебарца, а тробројот во реонот на Меглен–Воден. Содржи разни статии и написи, репортажи од борбите на бригадата и секојдневниот живот на борците, наредби на штабот, рубрики за младината, паднатите борци и сл. Во првиот број политичкиот комесар на бригадата Мита Миљковиќ дава преглед на дотогашниот борбен пат на бригадата. Текстовите се илустрирани од Бранко шотра. ЛИТ.: Д-р Боро Мокров, Развојот на македонскиот печат и новинарство (од првите почетоци до 1945 година), Скопје, 1980, 438-440; Д-р Боро Мокров – М-р Томе Груевски, Преглед на македонскиот печат (1885-1992), Скопје, 1993, 135. С. Мл.