АЛБАНСКО-МАКЕДОНСКИ ВРСКИ И ОДНОСИ

АЛБАНСКО-МАКЕДОНСКИ ВРСКИ И ОДНОСИ. Почетоците им се во формирањето на првата Албанско-македонска револуционерна лига (1887). Од неа во 1902 г. произлегува Проект за автономија на Македонија, Албанија, Стара Србија и Одрин, доставен до британскиот Фореигн оффице. Албанци учествуваат во активностите на МРО и во Илинденското востание. Во август 1913 г. во Елбасан ВМРО и Албанскиот револуционерен комитет на чело со Сефедин Пустина договараат востание против српската власт во Дебарско, Охридско, Струшко, Кичевско и Гостиварско. По капитулацијата на Италија (1943), Германија формира независна држава Албанија што го опфаќа делот од Западна Македонија, претходно под италијанска окупација. Се воспоставува целосен албански административен, воен, полициски и просветен апарат и до ослободувањето (ноември 1944) се спроведува асимилација и насилство врз Македонците од албанско-балистичките банди. Од 1945 до 1948 г. РА и ДФЈ склучуваат неколку спогодби за соработка кои, во деловите во кои живеат припадници на македонското малцинство, овозможуваат организирање настава на македонски јазик со учители од ДФМ. ДФЈ учествува во обновата на РА, но поради целосната затвореност на РА до почетокот на 90-тите години од ⅩⅩ в., не постојат посериозни односи. РА ја признава Република Македонија на 26. Ⅳ 1993 г., но под акронимот ПЈРМ. Дипломат-ски односи се воспоставуваат на 24. Ⅻ 1993 г. Прв вонреден и ополномоштен амбасадор на РА во Република Македонија е шабан Мурати. Прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во РА е Никола Тодорчевски. Во 2005 г. се формира прва политичка партија на Македонците – Македонска алијанса за европска интеграција. На локалните избори во 2007 г. нејзиниот член Едмон Темелко е избран за градоначалник на Општината Мала Преспа. ЛИТ.: Христо Андонов-Полјански, Прилог кон македонско-албанските врски во минатото, Одбрани дела, т. 3, Скопје, 1981; Виктор Габер, За македонската дипломатија, Скопје, 2002. Т. Петр.