ЃЕРЃИКОВИЌ, Ѓорѓе

ЃЕРЃИКОВИЌ, Ѓорѓе (Гевгелија, ? – Гевгелија, 1911) – српски офицер, илинденски револуционер и македонски „автономист”. По кратко учителствување во с. Мачуково (1. Ⅳ 1898), се запишува во Воената академија во Бел-град (22. Ⅶ 1898). Како српски поручник двапати со своја чета влегува во Македонија, но ранет е во борбите со Турците и се лекува во Софија (1903). Убеден дека „македонските борци навистина војуваат за автономија на земјата и дека тоа е единствениот пат за нејзино спасување од турските нокти”, се враќа во Србија, поднесува оставка на офицерската служба и станува сопственик и одговорен уредник на органот на обновениот (заедно со Григорие Хаџиташковиќ) Македонски клуб во Бел-град в. „Автономна Македонија” (1905) со мото: „Балканот на балканските народи. Македонија на Македонците” и со девиза: „Првин слобода, па после пребројува-ње!”Со Хаџиташковиќ преговараат во Софија со „левото крило” на ТМОРО за учество на Рилскиот конгрес (1905). По големите реакции во Србија, весникот е забранет, а тој прогонуван и интерниран во Пожаревац. Бега во Австро-Унгарија, Црна Гора и во Бугарија, а по Младотурската револуција заедно со Ј. Сандански се прибира во Македонија и умира од туберкулоза како турски службеник во родниот град. ЛИТ.: Д-р Блаже Ристовски, Крсте П.Мисирков (1874–1926). Прилог кон проучувањето на развитокот на македонската национална мисла, Скопје, 1966, 388–396 и 404–421; истиот, Македонскиот народ и македонската нација, Ⅱ, Скопје, 1983, 73–144. Бл. Р. Љупчо Ѓоргиевски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *