ХРИСТИЈАНИЗАЦИЈАТА во Македонија

ХРИСТИЈАНИЗАЦИЈАТА во Македонија – првата земја во Европа, каде што апостол Павле со придружниците – апостолите Си-ла, Тимотеј и Лука ја ширеле христијанската вера и го покрстувале македонското население во периодот меѓу 51 и 54 г., почнувајќи од градот Филипи до брегот на Егејското Море. Првата покрстена христијанска личност била Македонката Лидија од градот Тијатир (од Македонци преселени во времето на Александар Македонски), која тогаш престојувала во Филипи. По приемот на христијанството била формирана првата христијанска општина во Европа, основана од апостол Павле, а раководена од евангелистот Лука. Втората христијанска општина била формирана во Солун кога апостол Павле стигнал со Сила и Тимотеј, а за епископ бил поставен Аристарх. Црковните општини во Македонија станале духовен образец за христијанските заедници во другите делови на Европа. Меѓу 51 и 66 г. апостол Павле четири пати ја посетил Македонија, втората христијанска земја. Тука биле напишани делови од Новиот завет (некои од Посланијата и Евангелието по Лука). Христијанството во Македонија станало двигател на духовните и на културните процеси. За тоа сведочат црковни настани од ранохристијанскиот период, како и бројните култови на општохристијанските светители во Македонија. Христијанството со христијанизацијата на Словените (по Ⅶ в.) довело до религиозна и етнокултурна симбиоза меѓу домородните Македонци и словенското население. Од Македонија проникнала во Европа третата (по латинската и византиско-грчката) христијанска цивилизација – словенската. ЛИТ.: Свето Писмо на Стариот и на Новиот завет, второ издание, Скопје, 1991; Ѓ. Поп-Атанасов, Библијата за Македонија и за Македонците, Скопје, 1995; И. Велев, Византиско-македонски книжевни врски, Скопје, 2005. И. Вел. Стеван Христиќ