ТОЛСТОЈ, Лав Николаевич

ТОЛСТОЈ, Лав Николаевич (Јасна Полјана, Тулско, Русија, 28. Ⅷ 1828 – Јасна Полјана, 7. Ⅺ 1910) Лав Николаевич Толстој – руски писател со светска слава, автор на романите „Војна и мир“, „Воскресение“, „Ана Каренина“, „Смртта на Иван Илич“ и др. За Македонците посебно е занимлив по тоа што издвоил важни и животворни размисли во годините пред Илинден (1903), за нашата судбина на потиснат и поробен народ во менгемето на Отоманската Империја. На 23 декември 1898 г. во неговиот дом во Јасна Полјана тој е посетен од Димитар Ризов (бугарски публицист и дипломат од македонско потекло) и замолен да го крене својот авторитетен глас во заштита и морална поткрепа на Македонците. Белешки од разговорите со големиот писател Димитар Ризов објавува во софиското литературно списание „МисÍл“ (кн. Ⅲ и Ⅳ, 1900). За средбата придонела препораката што Д. Ризов ја добил од рускиот македонозналец Милјуков. Лав Николаевич не ја прифаќа поканата и молбата да го крене својот глас во заштита на поробена и обезличена Македонија. Одбивањето го образложува со платформата на своето учење (толстоизмот) за непротивење на злото и дека нему секоја човечка власт му е противна. Историските, религиозните и моралните погледи на Толстој се бариера пред решението да се произнесе со апел пред светот за одбрана на Македонците. Токму во тоа време тој е опчинет од една утописка идеја за создавање на едно поправедно општество преку движењето на духоборците. Во фондот на ова Движење тој го вложил сиот хонорар од романот „Воскресение“. Г. Т.