СЛАВЈАНОМАКЕДОНСКА ОСЛОБОДИТЕЛНА ВОЈСКА

СЛАВЈАНОМАКЕДОНСКА ОСЛОБОДИТЕЛНА ВОЈСКА (СНОВ) (1943 – 1944) – македонска војска во Егејскиот дел на Македонија, формирана на планината Вичо со обединување на единиците што дејствувале во повеќе реони во Костурско. СНОВ се борела против окупаторските сили и колаборационистичкото комитско движење, за ослободување и признавање на националните права со правото на самоопределување на Македонците. Во мај 1944 г. СНОВ била расформирана од КПГ. ЛИТ.: Историја на Македонскиот народ, В, Скопје, 2003; Хр. Андоновски, Македонците во Грција во борбата против фашизмот (1940–1944), Скопје, 1968. Ст. Кис.