СВЕТОВНИ УЧИЛИШТА

СВЕТОВНИ УЧИЛИШТА – вид училишта што се развиваат во времето на Преродбата, а кои, според содржината, процесите и средствата на воспитание и образование, битно се разликувале од (в.) ќелијните училишта. Нивната појава била условена првенствено од потребите на економскиот и општествениот развој, но и од подемот на македонските градови и на македонското граѓанство, кое станувало с“ позначаен фактор на културно-просветниот живот. Првите вакви училишта биле отворени во четириесеттите години на ⅩⅠⅩ в.: Велес (1838), Штип (1840) и Скопје (1848). Главни иницијатори за отворење световни училишта биле трговците и занаетчиите. Нивниот број постојано растел, постепено потиснувајќи ги ќелијните училишта, а со тоа се зголемувало и нивното влијание во општествениот живот. При крајот на седумдесетите години на ⅩⅠⅩ в., световни училишта имало, речиси, во сите македонски градови и во поголемите села. Постоеле два типа: основни или (в.) заемни училишта и (в.) главни. Одиграле значајна улога во развојот на основното и на средното образование во Македонија, а со тоа дале и значаен придонес во развитокот на македонското општество.
ЛИТ.: Р. Кантарџиев, Македонското преродбенско училиште, Скопје, 1985. К. Камб.