СВЕТИ НИКОЛА

СВЕТИ НИКОЛА“ – манастирска црква во с. Псача (Кривопаланечко). Ѕидана од приделкани блокови, камен песочник и од хоризонтални редови тули. Во основата има форма на впишан крст во правоаголен простор. Над централниот дел на наосот имало купола, којашто подоцна се урнала. При обновата на манастирот на местото на куполата бил изграден полукружен свод. Куполата изградена над Манастирската црква „Св. Никола“, с. Псача, Крива Паланка (ⅩⅣ в.) Севастократорот Влатко (ктитор) и жена му Владислава (фреска во црквата „Св. Никола“ во Псача, ⅩⅣ в.) просторот на припратата е зачувана и таа лежи врз квадратна основа, којашто се опира на два квадратни столба и на два ѕидни пиластра. Олтарната апсида од надворешна страна е тристрана. Сите фасади се богато профилирани и украсени со шари изведени во керамопластика. Врз основа на една зачувана повелба од 15 март 1358 г. се дознава дека на властелинот Влатко му било одобрено црквата да ја приложи на светогорскиот манастир Хиландар, со што станува јасно дека тој бил и нејзин ктитор. Во внатрешноста на црквата е зачуван фрескоживопис со високи ликовни вредности. Имињата на зографите не се познати, но насликаните портрети на семејството на ктиторот третирани со голема доза на реалност покажуваат дека непознатиот зограф спаѓал во редот на талентираните и реномирани творци. Колоритот со вонредни нијанси на сино, бело и црвено ја покажува големата умешност и знаење на непознатиот псачки зограф. Покрај групниот портрет на семејството на ктиторот, на кој се прикажани кнезот Пасхач, кнегињата Озра, севастократорот Влатко, неговата сопруга Владислава и синот Стефан, зачувани се и неколку значајни композиции, меѓу кои Успението на Богородица, сцени од животот на св. Никола, Богородица со Христа и други. ЛИТ.: В. Петковиђ, Преглед црквених споменика кроз повесницу српског народа, Београд, 1950; К.Балабанов – А. Николовски