СВЕТИ НИКОЛА

СВЕТИ НИКОЛА“ – манастирска црква во близина на с. Жван (Демирхисарско), позната под називот Топлички манастир. Еднокорабна црква со облик на впишан крст од стеснет тип, со полуобличест свод и апсида (однадвор тристрана, а однатре полукружна). Градена е од кршен камен, приделкан бигор и малтер. Се смета дека била изградена кон крајот на ⅩⅣ в. Во 1537 г., со залагање на игуменот јеромонах Павнутиј и манастирското братство, од западната страна на еднокорабната црква била доградена припрата, а од северната и од јужната параклиси. Во внатрешноста на црквата се наоѓа фрескоживопис во два слоја. Првиот (постариот) датира од крајот на ⅩⅣ в. и е многу оштетен. Неговите ликовни вредности остануваат непознати. Непознат е и авторот на овој фрескоживопис. Вториот слој, врз основа на зачуваниот натпис, во кој се спомнува ктиторот Кир Димитрие (Пепеќ), датира од 1537 г. Автор на овој релативно добро зачуван фрескоживопис е зографот Димитар од с. Леуново (Мавровско). Фрескоживописот во припратата го работел зографот Јован, чиешто име е испишано врз една дрвена греда. И едниот и другиот фрескоживопис ги носат сите карактеристики на сликарството создавано во Македонија под Османлиите. На дрвениот иконостас се наоѓаат неколку икони работени од зографот Дмитар. Сите згради на манастирскиот комплекс, кои делумно постоеле во ⅩⅠⅩ в., подоцна биле разурнати. ЛИТ.: И. СнегаровÍ, История на Охридската архиепископия – патриаршия, София, 1932; Г. ТраŸчевÍ, Манастирит‹ вÍ Македония, София 1933; В. КÍнчовÍ, Македония, София, 1900; Милован Кокиђ, Зборник за историју јужне Србије и суседних области, Скопље, 1935; Радивоје Љубинковиђ, Стварање зографа Радула, „Наше старине“, Сарајево, 1953; К. Балабанов, Нови податоци за манастирот и манастирската црква „Св. Никола Топлички“, Скопје, 1956. К. Б.