СВЕТИ НИКОЛА

СВЕТИ НИКОЛА“ – манастир на разгранокот од планината Песјак над с. Ореоец (Ореовец), кај Македонски Брод. Зачувана е само манастирската еднокорабна црква. Според ктиторскиот натпис, подигната е и живописана во 1595 г., во времето на султанот Мехмед Ⅲ. Сликарството на црквата има високи уметнички квалитети и стилски е блиско на сликарските разбирања на хетерогената тајфа на зографот Никола од Линотопи, кој работел во с. Палатиција кај Бер (Верија). Зачуваниот оригинален висок иконостас има резбарен Голем крст, кој лежи на носач во вид на палмови гранки. ЛИТ.: М. М. Машниќ, Манастирот Св. Никола Ореоечки, „Културно наследство“, 14–15 (1987–88), Скопје, 1990, 5–11; истата, Иконостасот од Ореоечкиот манастир Свети Никола, Тематски зборник на трудови (икони, иконопис, иконостас, иконографија), 1, Скопје, 1996, 29–46. М. М.