РАЦИН (СОЛЕВ), Кочо (Костадин, Коста) Апостолов (Велес, 2. Ⅺ 1908 – Лопушник, Кичевско, 13. Ⅵ 1943) – поет, раскажувач, есеист, културноисториски истражувач, публицист, општествено-политички деец, марксистички филозоф, национален трибун и партизански борец. Основното образование (на бугарски и на српски јазик) го завршува во родниот град, но во втори клас ја напушта гимназијата и му помага на татка си во грнчарската работилница. Како автодидакт, станува еден од најистакнатите македонски интелектуалци во меѓувоениот период, активен деец во работничкото и комунистичкото движење и организатор на спортскиот и културноуметничкиот живот ва градот. Во 1923–1924 г. станува член на СКОЈ, прочелник на ќелијата и потоа активист на КПЈ. Како член на Месниот комитет на СКОЈ е делегат на покраинските конференции (1926&1928), а како член на МК на КПЈ во Велес учествува на партиската покраинска конференција (20. Х 1928), кога е избран за единиствен делегат од Македонија на Ⅳ конгрес на КПЈ во Дрезден (5&15. Ⅺ 1928). На враќање е уапсен во Дравоград (20. Ⅺ 1928) и по тешките иследни полициски дејства во Солин и Сплит, на 2. Ⅲ 1929 г. е ослободен „поради немање докази“. По враќањето во Велес, уште на 11 април е земен на отслужување на воениот рок во Пожаревац, каде што останува една година. Во 1923&1924 г. почнува да пишува стихови на македонски, српски и бугарски јазик. Од 1928 г. објавува поезија и проза на српски, а од 1936 и стихови на македонски јазик. Во 1928 г. ја составува и првата (зачувана во ракопис) оформена стихозбирка „Антологија бола“ (на српски јазик), посветена на ученичката Раца Фирфова, според која и си го зема псевдонимот како свое презиме. По враќањето од војска (1930) организира Културно-уметничко и спортско друштво „Занатлиски“, подготвува театарски претстави и група за читање марксистичка литература во Велес. Стапува во контакт со сомисленици во другите југословенски центри (Загреб, Сараево, Белград) и соработува во угледни прогресивни публикации („Литература“, „Снага“, „Кнјижевни круг“). Објавува раскази, есеи и критики и „Одломци из романа ‘Опиум‘“ (1931). Ракописната стихозбирка „Антологија бола“ Во 1932 г. доаѓа во Скопје и работи првин како каменорезец, а потоа како коректор на в. „Вардар“. Учествува во неформалниот Литературен кружок и е во контакт со помладите творци од литературно-политичката конспиративна организација МОРО. Заедно со скопските поети Ј. Ѓорѓевиќ и А. Аксиќ ја објавуваат стихозбирката „1932“ (со неговата песна „Ватромет“). Подготвува и сопствена збирка од 14 песни на македонски јазик. Во јануари 1933 г. организира литературно читање во Велес што му донесува ново апсење и прогон. Во тој период особено ја интензивира и национално-политичката активност. Доаѓа од Москва неговиот другар од Велес Н. Оровчанец (како инструктор на ЦК на КПЈ) и се формира Областен комитет на КП во Македонија, во кој Р. ја раководи идеолошко-политичката пропаганда во својство на секретар. Се печатат летоци и Куќата на Кочо Рацин во Велес брошури, а во ноември и декември 1933 г. се напечатени и двата броја на илегалниот орган на ОК на КП во Македонија „Искра“. Се растура брошурата „СССР и Македонија“ и се подготвува текстот за брошурата „Македонија није ни српска, ни бугарска, ни Грчка“. Во сп. „Искра“ се подвлекува дека „ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци“ и се покренуваат паролите: „Да живее независна Македонија! Да живее Балканската работичкоселанска република!“ и се повикува „против големосрпскиот (империјализам) што ги угнетува Хрватите, Словенците, Македонците и Црногорците“. Се бара формирање Работничка комора во Македонија и Покраински синдикален синдикат. Станува секретар на Културноуметничкото друштво „Абрашевиќ“ и воспоставува блиски односи со студентите и со некои професори за одбрана од намерите за укинување на Филозофскиот факултет во Скопје. Ги чита изданијата на ВМРО(Об), ја проучува Мисирковата книга „За македонцките работи“ и напишува есеј „Коста Абрашевиќ – пролетерски песник“ (заедно со збирката од 14 песни на македонски јазик уништени во 1941 г.). Кон крајот на декември настанува провала, полициските органи фаќаат примероци од сп. „Искра“ и на 3. И 1934 г. Р. е уапсен и на 14. септември е осуден на 4 години затвор во Сремска Митровица. Амнестиран од робијата по сила на закон (1935), се враќа во Велес, но под постојан надзор од полицијата. Се зближува со велешката студентка Невенка Вуиќ и така го зема својот втор (привремен) псев-Корицата на првото издание на „Бели мугри“ доним Невен Пејко. Ја објавува првата песна на македонски „До еден работник“ во загрепското сп. „Кнјижевник“ (април 1936), веднаш препечатена и во Торонто. За да ја избегне локалната полициска тортура, се вработува како коректор на в. „Правда“ во Бел-град и се зближува со истакнати напредни писатели. Но уште на 13. И 1937 г. е уапсен и вратен во Велес. Се поврзува со Културноуметничкото друштво „Вардар“ во Загреб и во неговиот орган „Наш весник“ објавува стихови на македонски (30. Ⅶ 1937). Во тој период објавува и други прилози во загрепската периодика („Пучки календар“, „Радник“, „Раднички тједник“), но и во Белград („Уметност и критика“, „Народна читанка“, „Млада култура“, „Наша стварност“, „Младост“), во Нови Сад („Наша књижица“), во Суботица („Хид“) и во Љубљана („Зборник ’39“). Интензивно ја проучува македонската историја и националното движење. Контактира со своите сограѓани и другари што се борат во Шпанија, пишува стихови за таа борба и печати во изданија на емиграцијата. По јавните реакции за предавањето на проф. Никола Вулиќ во белградскиот Српски културен клуб и статијата „Јужна Србија или Македонија“ во в. „Време“, Р. учествува во Загреб (1939) во дискусијата на македонските претставници со професорите Н. Вулиќ и Ј. Радоњиќ за македонското прашање. Во декември 1939 г. во Самобор кај Загреб е напечатена единствената Рацинова стихозбирка „Бели мугри“ (исцело на македонски јазик) што означи датум во македонската современа литературна историја. Рациновите Македонски народно-ослободителни песни (Лопушник, 1943) Иако веднаш е забранета, таа одушевено е прифатена од младината во Македонија и особено од Македонскиот литературен кружок во Софија. Токму во размавот на Рациновиот творечки подем, кога полицијата го прогонува и го апси, принуден секојдневно да се пријавува во полицијата во Велес, тој се пожалува кај банот во Скопје (1940). Тоа станува формален повод за да ја доживее третата и најжесока осуда од својата партија (КПЈ): тотален бојкот. Во Загреб успева да ја објави статијата „Развитокот и значењето на една нова литература“, но весникот мора јавно да се извини и да го напаѓа. Така поетот Рацин од своите беше всушност духовно и творечки умртвен. Бојкотот го следи и во логорот во Ивањица, па дури и по фашистичката окупација (1941). Прогонет и од бугарските власти, Р. бега во Софија и работи во Железничкото депо. Тука се зближува со соборците од МЛК, живее заедно со В. Наумчески и го доживува убиството на пријателот К. Неделковски (2. Ⅸ 1941). Веднаш се враќа во Велес и активно учествува во легалната, но и во нелегалната националноослободителна дејност. Го уредува (во голем дел и го пишува) илегалниот орган на велешката партиска организација „Народен билтен“ (декември 1941– февруари 1942). Подгонет од полицијата, бега во Скопје и ги редактира првите броеви на партискиот орган „Билтен“ (1942). Одново уапсен, Р. е интерниран во пиринското село Корница. По враќањето, единствениот излез го наоѓа кај партизаните. Во мај 1943 г. станува уредник, лектор и коректор на првата македонска партизанска печатница „Гоце Делчев“ на слободната територија на Лопушник. На денот на отпечатувањето на првиот дел од првата стихозбирка во слободната македонска литературна историја „Македонски народно-ослободителни песни“ (13. Ⅵ 1943), Р. загинува во недокрај разјаснети околности. БИБ.: Бели мугри, штампарија Драгутина шпулера у Самобору, 1939; Македонски народно-ослободителни песни,И,шЛопушникќ, 1943; Бели мугри, Омладинска книжница, Ⅲ свеска, Издание на Омладинскиот Антифашистички Комитет, с.л., Април 1944. Цена 5 лека; Бели мугри. Песни, Библиотека „Нов живот“, штампарница „Илинден“, Штип, 1945. Цена 30 лева; Бели мугри. Песни, Изданија на Агит. Проп. комисија при Ⅱ О.К. на К.П.М., Државна штампарница „Гоце Делчев“, Битола, 1945; Песни, Издава Дружеството на уметниците, книжевниците и научниците, Скопје, 1945; Стихови и проза. Уредил Александар Спасов, „Кочо Рацин“, Скопје, 1954 (променети и дополнети изданија: 1961, 1966, 1991); Избрани дела, шИ–ВИЌ, Наша книга, Скопје, 1987. ЛИТ.: Димитар Митрев, предговор во: Коста Рацин, Песни, Скопје, 1945, В&ⅩⅣ; Блаже Конески, Како работел Рацин над „Бе-лите мугри“, Ⅲ, 4&5, 1947, 21&39; Александар Спасов, Соопштение за дел од книжевната заоставштина на поетот Кочо Рацин, „Нов ден“, Ⅳ, 4, 1948, 66&82; истиот, Кочо Рацин. Книжевно-историски прилози, Скопје, 1995; Проф. д-р Душан Недељковиќ, Коста Рацин поет на револуцијата, Скопје, 1973; Рацин во сеќавањата на современиците. Избор и редакција Перо А. Коробар. Второ дополнето издание, Скопје, 1983; Блаже Ристовски, Кочо Рацин. Историско-литературни истражувања, Скопје, 1983; истиот, Животот и делото на Кочо Рацин 1908-1943, Скопје, 2009; Александар Трајановски, Непознатиот Рацин. Новопронајдените Рацинови картички, Скопје, 2000; Радомир Ивановиќ, За смислата на создавањето и на постоењето. Поезијата и поетиката на Рацин, Скопје, 2003; шТомослав Тодоровски:ќ Литература за Кочо Рацин, во: Кочо Солев Рацин, Избрани дела. Македонската литературна наука за Рацин, Прилози Ⅱ, Скопје, 1987, 322&328. Бл. Р. Никола Рачев-Војводата РАЧЕВ-ВОЈВОДАТА, Никола

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.