Пиринскиот дел на Македонија

Пиринска Македонија — дел од регионот Македонија кој денес се простира во југозападниот дел на Република Бугарија, совпаѓајќи се со територијата на Благоевградската област и подрачјето околу селото Бараково, кое денес е во општина Кочериново, Ќустендилска област. Зафаќа површина од околу 6.798 км2 (10,18% од географска Македонија).

Пиринска Македонија e дел од регионот Македонија, кој по Букурешкиот мировен договор во 1913 година ѝ припаднал на Бугарија. Во антиката Пиринска Македонија најпрвин била дел од Пајонија и Тракија, а подоцна станала дел од кралството Македонија. Во римскиот период Пиринска Македонија доживува своевиден процут, за што сведочат повеќето археолошки ископини на антички градови во близината на денешните градови Горна Џумаја (денес Благоевград), Свети Врач (денес Сандански), село Рупите и др. Во средновековниот период Пиринска Македонија била под власта на царот Самуил, Византија и балканските феудалци. Со доаѓањето на Турците, Пиринска Македонија бележи одредена стагнација, но сепак не го напушта својот непокорлив македонски дух. За време на Руско-турската војна во 1877-8 година, северниот дел на Пиринска Македонија ќе потпадне под руската окупациона зона, но по Берлинскиот конгрес ќе ѝ биде вратен на Турција. На подрачјето на Пиринска Македонија е кренато Кресненското (Македонското) востание против османлиската власт во 1878/79 година со центар во Кресна, кое имало силен македонски национален карактер и цел да создаде независна автономна македонска држава. Кон крајот на XIX век на територијата на Пирин со својата чета ќе царува големиот македонски револуционер и великан Јане Сандански (близок соработник на Гоце Делчев и најголем борец против врховизмот) кој е познат под прекарот „Пирински цар“ и кој ќе го изврши познатото грабнување на протестантската мисионерка Мис Стон. По Втората светска војна во времето на владеењето на Георги Димитров, Македонците од Пиринска Македонија ќе добијат целосна културна автономија која требала преку законска рамка да прерасне во територијална и Пиринска Македонија да се обедини кон тогашната СР Македонија како кон матична држава во рамките на балканската федерација.