ПЕТРИЧ

ПЕТРИЧ – град во Пиринскиот дел на Македонија, Република Бугарија, со 29.700 ж. (2002). Се наоѓа во јужниот дел на Петричката Котлина и северното подножје на планината Беласица, на надморска висина од околу 200 м. Низ градот тече реката Луда Мара. Климата е променето средоземноморска, со средна годишна температура од 13,6°Ц. Се претпоставува дека името на градот потекнува од грчкиот збор петра што означува камен. Првпат се спомнува во 1379 г. Во 1857 г. во П. е изградена црквата „Успение Богородично“, а во 1868 г. црквата „Св. Никола“, денеска споменик на културата. Населението брзо се наголемило во текот на ⅩⅩ в. Додека во 1920 г. имало 7.169 ж., во 1965 г. тој број се наголемува на 20.639 ж., за да достигне бројка од 29.700 ж. во 2002 г. Во П. живеат главно Македонци, а во помал број и Бугари. Во периодот од 1913 до 1925 г. во градот се доселуваат голем број Македонци од Егејскиот дел на Македонија. Водечка гранка во стопанството е индустријата, и тоа електронската и текстилната, а во околината на градот е развиено раноградинарското производство. Има гимназија и три технички училишта, потоа четири основни училишта и шест градинки. ЛИТ.: Енциклопедия Пирински краŸ, Том Ⅱ, Благоевград, 1999. Ал. Ст.