ПАРТИЗАН

ПАРТИЗАН“ – сојуз за телесно воспитание на Македонија, основан под претседателство на Ристо Бајалски (1952). Подоцна наречен Сојуз за спортска рекреација и физичко воспитание на Македонија (од 1972). Тој е носител на активностите на спортската и естетската гимнастика, на партизанскиот повеќебој и на спортската рекреација во месните заедници и претпријатијата, со натпревари за првенства на друштвата, за републички и сојузни првенства. Организатор и носител на масовните активности – Титова штафета, републички и сојузни слетови и др. Биле одржани седум републички, од кои три во организација на „Партизан“, и неколку сојузни слетови, а зел учество и на Сесоколскиот слет во Прага (Чешка, 1948). Сојузни првенства во спортска гимнастика (1953 и 1973) и партизански повеќебој (1953 и 1962) биле одржани во Скопје, а партизански повеќебој и во Охрид (1969), како и меѓудржавни натпревари во Скопје помеѓу репрезентацијата на Југославија со ДДР (1962), Украина (1965), СР Германија (1973) и помеѓу репрезентацијата на Скопје и Варшава (Полска, 1975), кој станал традиционален, и др. ДТВ „Партизан“ Ⅲ од Скопје двапати го освојувало „Знамето на Тито“. Биле изградени објекти во повеќе градови. Долгогодишен претседател на Сојузот бил Златко Билјановски. Истакнати членови од Скопје се – Асен Николовски, Благоја Цветковски, Вера Панова, Руса Апостолова, Воислав Ѓорѓевиќ, Деса Димова, Киро Димов, Ганчо Пајтонџиев, Панта Поленак, Митко Радулов, Славко Симеонов; од Битола – Сокле Поповски, Илија Мажевски, Јонче Секуловски; од Прилеп – Васил Ацевски, Димче Ацевски, Благоја Талевски; од Куманово – Ѓорѓи Здравковски, Јордан Сливовски; од Кочани – Илија Илиев, Јордан Манов; од ОхридНикола Ставриќ, Димче Владимиров, како и Спасе Радулов во Дебар, Трифе Лазаревски во Гостивар, Коста Тучев во Гевгелија, Димо Димов во Кавадарци, Ванчо Симјановски во Кратово, Трајче Ницинов во Велес и многу други членови, натпреварувачи, тренери, аматери и вработени. ЛИТ.: 30 години физичка култура и спорт, 1945–1975 во СР Македонија, Скопје, 1976, 64–68. Д. С. Амблемот на ПДП