НАРОДНА МУЗИКА

НАРОДНА МУЗИКА – македонска традиционална музика создавана и практикувана низ повеќевековни периоди во минатото. Тоа е главно музика што била поврзана со животот во селските средини. Во ⅩⅠⅩ в. започнал поинтензивниот развој на градската народна култура, а во нејзините рамки и традиционалната градска музика. Таа била создавана на вообичаениот традиционален начин, по устен пат и анонимно, сè до педесеттите години од минатиот век, а потоа сè повеќе се среќаваат авторизирани песни од автори-поединци. Музиката од овие два периода, создавана во различни услови на живеење, има карактеристични разлики, како според функцијата, така и според стилските и вкупните естетски особености. Кај селскиот музички фолклор доминираат женските обредни песни, во кои, покрај едногласјето, посебен белег претставува двогласното бордунско пеење. Него го карактеризираат еднообразноста и ограничените структури на изразните елементи: просторот на мелодиското движење, формата, тонските низи, метроритмиката и сл. Слични одлики има и инструменталната селска музика, во која најчесто се практикувало музицирање на самоправските инструменти: гајди, кавали, шупелки, дудуци, тамбури, зурли, кемениња (гуслиња) и сл. За карактеристиките на градскиот музички фолклор во Македонија, пак, пресудна улога имале дијаметрално изменетите услови на живеење во градските средини, а пред сè развиените и интензивни комуникации, кога покрај меѓусебните влијанија во рамките на мултинационалниот соживот, со својата местоположба Македонија се нашла во центарот на изразитите културни влијанија од Западна Европа кон Исток и обратно. Оттаму произлегла и големата разновидност, високиот естетски дострел и богатството кај македонските песни и свирки што се прославија надалеку во светот. И покрај тоа што македонскиот музички фолклор во најголема мера го одржа континуитетот со некои од старите македонски стилови на музицирање, дел од мелодиите беа создадени под евидентно ориентално влијание, други под влијание на западноевропските традиции, а кај трети македонските елементи се измешани со едното и другото влијание. Но влијанијата сепак го чинат помалиот дел од богатството на македонскиот музички фолклор. Тие претставуваат дел од мелодиските гранки што се накалемени на цврстото македонско автохтоно стебло што е самобитно и по своите посебности лесно препознатливо. Ѓ. М. Ѓ.

This post is also available in: mkмакедонски enEnglish frFrançais deDeutsch ruРусский

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.