МИЛАДИНОВ, Јордан

МИЛАДИНОВ, Јордан (Куманово, 30. ⅩⅠⅠ 1922 – Скопје, 23. Ⅹ 2001)
– град. инж., ред. проф. на Градежниот факултет во Скопје (од 1968 до пензионирањето во 1987 г.) по предметите од областа на техничката механика, јакоста на материјалите и од теоријата на еластичноста и пластичноста. Завршил Градежен факултет во Белград (1949) и бил првиот кандидат што одбранил докторска дисертација на Техничкиот факултет во Скопје (1955). Предавал на сите технички факултети на Скопскиот универзитет, а гостувал и на други универзитети. Специјализирал во Минхен (1955), Цирих (1957) Хановер (1962/63). Вршел повеќе функции, од кои позначајни се: шеф на Градежниот оддел на Техничкиот факултет (1958–60), проректор на Универзитетот (1963–65), шеф на Градежниот оддел на Архитектонско-градежниот факултет (1965–67). Исклучително богатата наставна и научна дејност ја заокружил со 7 учебници, објавени во повеќе изданија. Љ. Т.