МАРКО КРАЛЕ

МАРКО КРАЛЕ (познат во народното творештво како: Крале Марко, Крали Марко, Марко Кралевити, Кралевиќ Марко, а во историските извори како: „младиот крал Марко“, „благоверен Крал Марко“) (Прилеп, ок. 1346 – Ровине, кај Крајова, Влашко, 17. Ⅴ 1395) – последниот крал на Македонија (1371–1395), најстариот син-наследник на кралот Волкашин. Како 16-годишен во 1361 г. бил пратен во државничка мисија во Дубровник. Веројатно учествувал во битката на кралот Волкашин и брат му деспот Углеша на Косово во 1369 г. против српските војски на кнезот Лазар Хребелјановиќ, жупанот Никола Алтомановиќ и царот Урош, кога победиле војските од Македонија и бил заробен царот Урош. Во една грамота на кралот Волкашин за Дубровничката Република (5. Ⅳ 1370), покрај името на кралицата Елена, се наведени и двајцата најстари синови Марко и Андреја, но без титули. Во натписот на призренската црква „Св. Недела“ (пред август 1371) е веќе наведено дека црквата била зографисана „по наредба на младиот крал Марко“. Во јуни 1371 г. кралот Волкашин со синот Марко со војската се наоѓале кај Скадар, готови (во содејство со роднините Балшиќ и со помош од Венеција) одново да го нападнат жупанот Н. Алтомановиќ, но по повикот од деспот Углеша за опасноста од пробивот на Османлиите, походот е прекинат и војската е насочена кон Источна Тракија. Во Маричката битка (26. Ⅸ 1371) кралот Волкашин и деспот Углеша не успеале воено да го спречат пробивот на Османлиите во Европа, катастрофално биле поразени, па и самите загинале.
Марко ја наследил татковата кралска круна и ја продолжил династијата, со седиште во Прилеп. На западната фасада на црквата „Св. Архангел“ во Варош (1371 или 1372) се зографисани посебно кралевите Волкашин и Марко, а над јужната врата на црквата „Св. Димитрија“ во Марковиот манастир се претставени со кралските

Црквата „Св. Димитрија“ (Марков манастир),
с. Сушица, Скопско (ⅩⅣ в.)
инсигнии и врз пурпурен фон двајцата прилепски кралеви. На свитокот во левата рака на Марко на државниот старословенски јазик пишува: „Јас во Христа Бога благоверен крал Марко го создадов и го испишав овој божествен храм“, додека во реставрираните натписи се зачувани и податоци за целото кралско семејство и за ктиторите: „Се обнови овој пребожествен храм на светиот великомаченик Христов победоносец и чудотворец Димитрија со усрдието и поспешението на благоверниот крал Волкашин и со благоверната кралица Елена и со превозљубените нивни ќерки и синовите благоверниот крал Марко и Андрејаш, Иваниш и Димитрија во годината 1377, а овој манастир почна да се ѕида во 1345 во дните на благоверниот цар Стефан и христољубивиот крал Волкашин, а се заврши во дните на благоверниот и христољубив крал Марко“. Дополнителна потврда на податоците за семејството се наоѓаат и во опширниот натпис на ѕидот на црквата „Св. Андреја“ крај езерото Матка (Скопско), изградена во 1389 г. од самостојниот владетел на дел од Северозападна Македо

Кралот Марко, фреска од Марковиот манастир (ⅩⅣ в.)
нија вториот Волкашинов син Андрејаш: „… се создаде и се испиша… со трудот и со подвигот на христољубивиот раб божји Андрејаш, вториот син на благоверниот крал Волкашин и на кралицата Елена – монахињата Елисавета“.
Единствените две зачувани фрески го претставуваат вистинскиот, мошне сугестивен лик на кралот Марко. Тој ковел свои пари во сопствената ковачница во Охрид (свои пари сечеле и мајка му Елена-Елисавета и брат му Андрејаш), градел цркви и манастири во диецезата на Охридската архиепископија, ја закрепнал економијата, се замешал во дворските војни на византиските владетели и, според силите, ги бранел своите
граници. Некои периферни области, меѓутоа, му биле одземени од соседите: Андреј Гропа го зазел Охрид, Ѓураѓ Балшиќ го откинал Призрен, браќата Јован и Константин Драгаш зафатиле до-бар дел од Источна и од Централна Македонија, додека Вук Бранковиќ влегол во Скопје (1392). Кралството се одржало цели две децении, с“ до Марковата смрт, кога загинал (заедно со Константин Драгаш) како султанов вазал во битката со влашкиот христијански војвода Мирчеа. Народот не можел да се помири со таквата судбина на својот крал и преданието пренесува дека непосредно пред битката Марко божем рекол: „Го молам Господа да им би
де помошник на христијаните, па нека бидам првиот меѓу мртвите во оваа борба“.
Бидејќи Марковото кралување го симболизирало последниот слободен живот и развиток на народот во Македонија пред долговековното османлиско ропство, тоа нашло силен одраз во народната традиција, во песните, преданијата и легендите и се создал ненадминат мит. Во 1845 г. рускиот славист В. Григорович сведочи: „Во сите видени краишта шво Македонијаќ јас не слушнав други имиња, освен на Александар В.шеликиќ и Марко Кралевиќ. И едниот и другиот живеат во споменот на народот во многу општи ликови“. До денеска многу топоними во Македонија го носат неговото име и ја слават неговата сила и моќ. Портретите во црквите (застанат во кралската одора со татко му) го крепеле споменот на генерациите за верата и храброста во борбите за слобода, пренесувајќи ја легендата дека Марко не е мртов, туку скриен во пештера и го чека денот кога ќе рипне од темнината за да го ослободи народот. Во тој дух е стихотворбата „Крале Марко“ (1914) од Д. Чуповски, а К. Мисирков (1923) му предочи на светот: „Крале Марко е син и гордост на Македонија и еден од тројцата завојувачи што го разнесоа името на својата татковина далеку од нејзините граници“. По Александра Македонски и Светите Кирил и Методиј, тој го наведува и третиот: „Крале Марко ги потчини под својата власт и под онаа на македонската муза сите народни певци и народи на Балканскиот Полуостров“.
Драматичниот државен и личен живот на Марко давал богати можности за изградбата на Марковиот епос и мит. Бил женет со Елена, ќерка на Радослав Хлапен, која по смртта на Волкашина ја оставил и му ја зел жената на владетелот на Полог Гргур Бранковиќ Теодора. Во новите политички зближувања и интереси, Марко му ја дал на дедо му Радослав својата втора жена Теодора, а како замена си ја вратил назад својата „првовенчана“ Елена. Но околу 1374/75 г. таа му се премажила за албанскиот благородник Јован Спат и тој останал и без жена и без пород и наследник. Ваквите брачни односи дале добра основа за народната традиција и настанал богатиот кралимарковски циклус во македонското, па и во јужнословенското народно творештво. Сликата ја комплетирала и судбината на браќата: Иваниш загинал кај Берат во битка со Османлиите (1385), а Андрејаш и Димитри конечно ја напуштиле Македонија (1394) и се ставиле во служба на унгарскиот крал Жигмунд.
ЛИТ.: Мавро Орбин, Краљевство Словена, Београд, 1968; К. П. Мисирков„, Áжно-слов®нски® Ìпически® сказани® о женитÏб‹корол® Волкашина в„ св®зи с„ вопросом„ о причинах„ попул®рности корол® Марка среди ÓжнÎх„ слов®н„, Одесса, 1909; Е. П. Наумов, Áжнослав®нскиŸ Ìпос и проблемѕ сербского средновекови®, зб.: Слав®нскиŸ и балканскиŸ фолÏклор, Москва, 1971; Раде Михаљчиÿ, Крај српског царства, Београд,
1975; Георгије Острогорски, Серска об-ласт после Душанове смрти, Београд, 1965; Христо Матанов, Áгозападните земи през ⅩⅣ век, Софи®, 1986; Д-р Коста Балабанов, Новооткривени портрети краља Марка и краља Вукашина у Марковом манастиру, „Зограф“, 1, Београд, 1966; Нада Ношпал-Никуљска, За ктиторската композиција и натписот во Марковиот манастир – село Сушица, Скопско, „Гласник“, ⅩⅤ, 2, Скопје, 1971, 225–238; истата, Прилог за манастирот Св. Андреја на р. Треска – на брегот на езерото Матка, зб.: Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија, И, Скопје, 1975; Сима ´ирковиÿ, Поклад краља Вукаина, „Зборник Филозофског факултета“, ⅩⅣ, 1, Београд, 1979, 155–163; Цветан Грозданов, Маричката битка, вазалитетот на Крал Марко (Марко Крале) и живописот на Марковиот манастир, зб.: Предавања на ЏЏИВ меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, Охрид, 2–21. Ⅷ
1991 година, Скопје, 1992; Кралот Марко во историјата и традицијата. Прилози од научниот собир одржан по повод 600годишнината од смртта на кралот Марко, Прилеп, 23–25 јуни 1995 година, Прилеп, 1997; Блаже Ристовски, Столетија на македонската свест. Истражувања за културно-националниот развиток, Скопје, 2001, 145–176. Бл. Р.

Напишете коментар