МАКЕДОНСКИ НАРОДЕН СОЈУЗ ВО АВСТРАЛИЈА

МАКЕДОНСКИ НАРОДЕН СОЈУЗ ВО АВСТРАЛИЈА (август 1946 – 1958) – основан на обединувачката конференција на македонските групи во Западна Австралија. На Конференцијата била донесена одлука за свикување општ конгрес. Конгресот бил одржан во Мелбурн (7–9. Ⅲ 1947) и бил за создавање единствена организација под истото име Македонски народен сојуз (МНС) во Австралија. На Конференцијата (април 1947) била донесена одлука Сојузот да се именува: Македонско-австралиски народен сојуз (МАНС). На Третата конференција (септември 1950) била претставена радикалната промена на односот кон македонското и кон југословенското државно раководство на Колишевски и на Тито по Резолуцијата на ИБ (1948), обвинувани за предавство, разбивање на словенското единство и предизвикување воена опасност. На Ⅳ конференција во Мелбурн, одржана на Илинден (2. Ⅷ 1952), Сојузот усвоил Декларација со повик за единство на Македонците во Австралија за поддршка на македонскиот народ за обединување и мир во светот. На Ⅵ конференција (јануари 1957) дошле до израз внатрешните поделби. Била одржана втора Ⅵ конференција на МАНС (април 1958) и неединството и поделбите довеле до престанување на дејноста на Организацијата.
ЛИТ.: Иван Катарџиев, Македонската политичка емиграција по Втората светска војна, Скопје, 1994. М. Мин.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *