МАКЕДОНСКИ, Димитар Василев

МАКЕДОНСКИ, Димитар Василев (с. Емборе, Кајларско, Егејскиот дел на Македонија, Грција, 1847 – Истанбул, 20. Ⅱ 1898) – македонски учебникар, учител, општественик и публицист. По основното грчко образование во родното село, оди кај татка си во Цариград и учи во Големото народно училиште, во Грчко-францускиот лицеј и во Бугарското Димитар Македонски училиште. Објавува три учебника „на македонското наречје“: „Буквар за употребение в македонските училишта“ (1867) – заедничко издание со охриѓанецот Димитар Хр. Узунов (1842–1887), „Кратка свјаштенна историја за училиштата по Македонија (на македонско наречие)“ (1867) и преводот од грчки „Скратен православен катихизис“ (1868). Потоа учителува во Влахо-Клисура, Воден, Струга и Битола. Речиси цела година (1870) престојува во Цариград, заедно со воденскиот првенец Ѓ. Гогов, за да дејствува за вклучување и на македонските епархии во новооснованата словенска црква и за избор за владика на тогашниот претседател на Воденската општина Павел Божигропски. Станува учител во училиштето при Бугарската црква во Цариград (1871), потоа во училиштето во Вланга (1872) и „подвижен учител“ за Македонците во околните населби (1873). Пишува во цариградскиот печат и полемизира со редакторот на в. „Македония“ П. Р. Славејков околу македонското прашање. Го напушта Цариград и станува учител во Главното училиште во Битола (1873–1874), по кое ја води „бугарско-романската книжарница“ во градот (1875– 1876). По Руско-турската војна (1877/78) емигрира во Бугарија. Првин е учител во Еврејското училиште во Софија (1879), потоа помошник-обвинител на Софискиот окружен суд (1882), претседател на ќустендилскиот окружен суд и ревизор во Министерството за просвета. Како софиски адвокат учествува во основањето на Бугарско-македонското друштво, во редактирањето на сп. „Св‹тлина“ (1882–1883), во Друштвото за помагање на бедните Македонци (1884). Како пензионер и адвокат станува редактор на шаховиот в. „Македония“ (1889) и учествува во дејноста на Македонското читалиште и во Заемо-спестовната каса на Македонците во Софија. На 18. ⅩⅠⅠ 1889 оди во Македонија (Солун, Битола) и до крајот на јануари следната година се запознава со дејноста на пропагандите. Поради русофилското пишување и учеството во македонските асоцијации (а во Паницовиот процес е адвокат на еден од судените, 1890), по убиството на министерот Белчев и тој е уапсен и суден (1891–1892). Потоа станува претседател на Друштвото „Татковина“ (1894), како и член на Македонскиот комитет (1895). Го издава неделниот политички, трговски и литературен весник „Сšгласие“ (1894–1896) и печати разни политички книшки и преводи од француски, руски, турски и грчки јазик. Кон половината на 1897 г. е поставен за редактор на егзархискиот орган „Новини“ во Цариград. Поради статија за Виничката афера, тој е убиен од македонските револуционери. ЛИТ.: Блаже Ристовски, Димитар Василев Македонски (1847–1898), „Разгледи“, И (серија трета), 1, Скопје, 1958, 69–83; истиот, Портрети и процеси од македонската литературна и национална историја, И, Скопје, 1989, 331–473. Бл. Р. МАКЕДОНСКИ (ХИЛФЕРДИНГОВ) КИРИЛИЧКИ ЛИСТ