КУЛТУРНО-ПРОСВЕТНИ И ДОБРОТВОРНИ БРАТСТВА ВО МАКЕДОНИЈА (1941–1944) – режимски здруженија за ширење на големобугарската идеја и за бугаризација на Македонците. Се ширеле по иницијатива и под директно влијание на Дирекцијата за национална пропаганда. Имињата на братствата произлегувале од имињата на македонските градови, односно од местата од каде што потекнувале членовите. Се внимавало организатори на овие братства да бидат истакнати бугарофили, приврзаници на бугарската држава. Целта им била „преку братствата да работат на создавање бугарски дух кај своите сограѓани и да ја помагаат државната власт во нејзините настојувања да го превоспита македонското население во бугарски дух. Формирањето на македонските братства во Скопје имало друга цел – присоединување кон Бугарија и на другите области од Македонија што останале под германска, односно италијанско-албанска окупација”. Во Скопје биле познати: Тетовско-гостиварското, Галичко-дебарското и Струмичкото братство. Во нив членувале главно луѓе блиски до идејата на Ванчо Михајлов и неговите отворени приврзаници. ЛИТ.: Ѓорѓи Малковски, Профашистичките и колаборационистичките организации и групи во Македонија 1941–1944, Скопје, 1995; истиот, Политичките партии и организации во Македонија во Втората светска војна 1941–1944, Скопје, 2002. Ѓ. Малк.