КУКУШКАТА УНИЈА И УНИЈАТСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА

КУКУШКАТА УНИЈА И УНИЈАТСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА – обид на Дојранско-кукушката епархија во 1859 г. со спогодба за унија со Католичката црква, со задржување на словенскиот јазик во црквите и народниот во училиштата и со зачувување на источниот обред и народните обичаи, да се отфрли власта на Цариградската патријаршија и преку покровителство на Рим да се издејствува верско-културна автономија со своероден владика во епархијата и во цела Македонија и со политичко покровителство од западните држави. По долги и сложени разговори и преговори, кукушаните упатуваат образложено писмо до папата Пиј XI (јули 1859) за прифаќање на унијата. Со притисок од Русија и од бугарските црковни кругови, Патријаршијата ја исполнува волјата на граѓаните на Кукуш да им се даде своероден владика и на 29. Ⅹ 1859 г. е извршена хиротонија на владиката Партенија Зографски што потоа е и испратен за дојранско-кукушки митрополит. Со тоа Кукушката унија привремено е придушена. По озаконувањето на Бугарската егзархија, како единствена словенско-православна црква во Турција (1870), со коешто се оневозможува обновувањето на Охридската архиепископија, настанува ново движење и против новата црква, бидејќи со вклучувањето само на Велешката епархија во диецезата на Егзархијата, сите други епархии остануваа и натаму под јурисдикција на Патријаршијата (со можност за референдумско изјаснување). Кога во Црковниот собор во Цариград учеството на македонските делегати во конституирањето на новата црква и во изборот на нејзиниот поглавар (1872) е пречекано со отпор, шест македонски црковни општини од Јужна Македонија стапуваат во нови преговори со Рим и масовно пламнува новото и помасовно унијатско верско-национално движење (1873–1874) со отворено барање за своеродна хиерархија и за обновување на Охридската архиепископија како унијатска црква. Движењето добива и изразито национално-политички карактер, се поставува за решавање веќе и „македонското прашање” и ја зафаќа цела Македонија. Од свои причини, ова движење го поддржува и новиот солунски валија Митхат-паша и центар стануваат Солун и Кукуш, кон кои се приклучуваат и другите градови. На чело застанува изгонетиот од Патријаршијата беровски учител (руски воспитаник и белградски легионер) Димитар Попгеоргиев-Беровски. Одново се ангажира руската дипломатија, а егзархот Антим го испраќа најавторитетниот бугарски национален деец Петко Славејков во Солун за да се задуши големиот бунтовнички антиегзархиски бран. Македонците прават неуспешен обид за преговори и со Англиканската црква (16. И 1874). Избувнува Разловечкото востание под раководство на Д. Беровски (1876), па со вклучување и на корумпираните турски власти постепено е задушена и оваа втора унија во Македонија. Но веднаш по доаѓањето на егзархискиот владика Теодосија Гологанов во Скопје (март 1890), тој прави темелни подготовки за отфрлање на Егзархијата и за прогласување на македонска црковна самоуправа. По реакцијата на бугарскиот егзарх, митрополитот Теодисија поведува преговори со папскиот нунциј во Цариград за да може преку унија со Рим да ја обнови Охридската архиепископија. Во едно писмо (22. Ⅵ 1891) во шест точки ја објаснува националната програма и нагласува: „Ние Македонците немаме толку мака од Турците колку од Грците, Бугарите и Србите што како орли на мрша се впуштија во оваа наша многустрадална земја и сакаат да ја расчеречат”. Во писмото до папата Леон ⅩⅠⅠⅠ (4. Ⅻ 1891) моли со обновување на Охридската архиепископија Светиот отец целата македонска паства да ја прими под свое покровителство. Меѓутоа, во моментот на избувнувањето на лозарското движење, Егзархијата го прогласува Теодосија како македонски национален сепаратист (јануари 1892) и со посредство на турските власти успева да го доведе во Цариград и да му ја одземе митрополитската титула (март 1892), по кое го упатува во еден бугарски манастир. Така залнува и третата унија во Македонија. Потоа беа правени и но-ви обиди, но до денеска од тоа движење останаа само мали селски унијатски оази во Југоисточна Македонија. ЛИТ.: Блаже Ристовски, Унијатството во Македонија, И-ИВ, „Разгледи”, Ⅱ, 9, мај 1960, 908–936; Ⅱ, 10, јуни 1960, 1005–1029; Ⅲ, 1, септември 1960, 72–90 и Ⅲ, 2, октомври 1960, 158–189; истиот, Портрети и процеси од македонската литературна и национална историја, Ⅲ, Скопје,1990, 29–65; Славко Димевски, Кукушката унија од 1859 г., „Гласник на ИНИ”, Ⅲ, 2, 1960; истиот, Митрополит скопски Теодосиј. Живот и дејност, Скопје, 1960; Кирил Стојанов, Повијесно-правни развој Католичке цркве бизантско-славенског обреда у Македонији, Загреб, 1990. Бл. Р. Феудална кула во Скопје