КОЧАНИ

КОЧАНИ – град во источниот дел на РМ со 28.330 ж. (2002 г.). Лежи од двете страни на истоимената река во просторот, каде што таа ја напушта планината Осогово и навлегува во Кочанската Котлина, на надморска висина од околу 350 м. Преку Кочани води магистралниот пат М–5, кој на запад го поврзува со Штип и Велес, а на исток со Делчево. Од Велес преку Штип до Кочани води железничка линија. Градот зафаќа површина од 770 ха, а топографски се протега по долината на Кочанска Река и околните ридови. Има умерено континентална клима со одредено медитеранско влијание. Просечната годишна температура на воздухот изнесува 13,0°Ц, а просечните годишни врнежи 522 мм. К. првпат се споменува во една повелба на деспот Оливер во 1337 г. За него малку се знае од првите векови на турското владеење. Според Евлија Челебија, во втората половина на ⅩⅤⅠⅠ в. претставувал гратче со 600 куќи, имал една џамија, еден ан и околу 15 дуќани. Кон крајот на ⅩⅠⅩ в. градот станал познато пазариште на ориз и афион. Во него се населиле доста Турци од Мала Азија и тој станал македонскотурска населба. Турците живееле во северниот, а Македонците во јужниот дел на градот. Одреден развој градот доживеал по изградбата на железничката линија во 1926 г., кога станал главна собирна станица за овој дел на Источна Македонија. Градот почнал брзо да се развива во втората половина на минатиот век. Во 1953 г. во него живееле 8.034 ж., а во 2002 г. тој број се зголемил на 28.330 ж. Од нив 25.730 ж. биле Македонци, 1.951 Роми, 315 Турци, 193 Власи и 63 Срби. К. е седиште на општина која зафаќа површина од 36.036 ха, има 28 населени места со 38.092 ж. Главна стопанска гранка е индустријата, и тоа: прехранбената, автомобилската, дрвната, целулозно-хартиената и текстилната индустрија. Во градот има три осумгодишни и две средни училишта, дом на културата, кино, градска библиотека и здравствен дом. Од културноисториските споменици има зачувано две феудални кули од ⅩⅤⅠ и ⅩⅤⅠⅠ в. и споменик на ридот Локубија, подигнат во чест на жртвите во Илинденското востание и во НОБ. Во с. Кучичино има фабрика за тули и ќерамиди, а во с. Спанчево рудник за опалска бреча. Кочанската котлина е позната по производството на ориз. ЛИТ.: Јован Ф. Трифуноски, Кочани, „Географски преглед”, књ. Ⅷ-IX, Сарајево, 1964–1965; Александар Стојмилов, Кочани – физичко-географски и антропогеографски преглед, Скопје, 1970. Ал. Ст.

Напишете коментар