КОНСТАНТИН-КИРИЛ ФИЛОСОФ

КОНСТАНТИН-КИРИЛ ФИЛОСОФ (Солун, 827 – Рим, 14. Ⅱ 869) – словенски просветител. За животот и дејноста на К.-К.Ф. има голем број извори на лат., слов. и др. јазици. Најбогат со податоци и најсигурен од нив е Опширното житие (ЖК) со изводи и од негови оригинални дела, напишано од брат му Методиј и Климент Охридски (меѓу 870 и 882). Кратките житија, кои се од подоцнежно време, содржат и провидни тенденциозни интерполации. Седмо дете на угледни родители од Солун. Татко му Лав бил висок византиски службеник – друнгар, а мајка му, според едно од кратките житија, се викала Марија. Необично надарен со би-стар ум, од детска возраст пројавил силна жед за учење, посебно за разбирање на духовните беседи од св. Григориј Богослов кого во стиховите што сам ги составил го моли да му биде „учител и помошник”. Му се дала ретка можност да учи во Цариград во високата Магнаурска школа кај двајца најобразовани Византијци: Фотиј и Лав Мудриот заедно со тогаш малолетниот визант. император Михаил Ⅲ. По ракополагањето на Фотиј за царигр. патријарх (856) К.-К.Ф. бил избран за предавач по филозофија на неговата катедра во истата школа. Се одликувал со ретка скромност. Решително откажал светски звања и почести. Повеќе пати се повлекувал во усаменост и безмолвие, што го умудрило уште повеќе и наполно го заслужил епитетот „Философ”. Визант. политички и црковни функционери го испраќале во надворешни мисии: Сараценската (855) за да ги заштити христијаните од исламистичките агресори во Арабија; Хазарската (861), заедно со брата си Методија, за да им се спротивстави на јудејските теолози, и последната – Моравската (863 до крајот на животот) за просветување на Словените. Кон секоја од задачите пристапувал со голема сериозност и одговорност. Кај Сарацените тргнал со познавање и на Коранот, кај Хазарите – со солидно знаење на еврејскиот, дури и на самарит. варијанта, а за Словените создал писмо со некои знаци од кое и визуелно го предавал Евангелието; го оформил книжев. старослов. ј. според принципите на визант. грч. Моштите на св. Климент Римски, што ги открил во Херсон на пат за Хазарија, ги донел со брата си М. во Рим, каде што набргу потоа, откако примил завет велика схима под името Кирил, починал на 14 февр. (ст. стил), погребан со големи почести и наскоро канонизиран. Од многубројните прозни и поет-ски дела зачувани се само фрагменти и парафрази. Пишувал на визант. грч. и старословенски што го оформил во книжевен самиот. Познати се две молитви од неговата рана возраст: Обраќање кон св. Григориј Богослов и „Соломонова” молитва пред тргнување во Цариград за учење. Спомнати се и молитви пред откривањето на слов. писмо и на моштите од св. Климент Римски. Претсмртната молитва му е упатена кон брат му и учениците за да се борат против тријазичниците. Напишал 4 полемички дела: против патријархот Јанис и за трите мисии (од Моравската за Венецијанскиот диспут). Преводите на Евангелието, Псалтирот и одбраните црковни служби му се заеднички со брат му Методија. На К.К.Ф. му се припишува и Прогласот кон Св. евангелие. Кирило-Метод. библиографија содржи преку 10.000 наслови. ЛИТ.: С. Б. Бернштејн, Константин-Философ и Мефодий, Москва 1984; П. Динеков, Константин-Кирил Философ, К.-М.Е., 2, 388–423; Цхристианитѕ амонг тхе Славс. Тхе Херитаге оф Саинтс Цѕрил анд Метходиус. Рома 1988, П. Хр. Илиевски, Светила незаодни, Ск., 1999, 13–123; Х. Р. Цоопер, Јр., Славиц Сцриптурес, Мадисон – Теанецк, 2003, 48–65. П. Хр. Ил. Душан Хр. Константинов

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *