КОЛОНИЗАЦИЈАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ВОЈВОДИНА

КОЛОНИЗАЦИЈАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ВОЈВОДИНА (1945-1946) – колонизација извршена врз основа на Уредбата за населување во Војводина и Уредбата на Комисијата за населување од Аграрниот совет на ДФЈ (8. IX 1945). Аграрниот совет донел решение од Македонија во Војводина да бидат колонизирани 2.000 семејства, главно во Банат (во околината на Панчево, Вршац и Пландиште). Во с. Јабука, во околината на Панчево, биле доселени 643 македонски семејства со 3.784 жители и Македонците претставувале 92% од населението, во с. Глогоњ 90%, а во с. Качарево 82,3% Македонци од вкупниот број жители во селото. Во вршачкиот дел на Банат доселениците од Македонија се населиле во Гудурица, Велико Средиште, Пландиште, Велика Греда, Хајдучица, Стари Лец и Дужине (вкупно 353 семејства со 2.096 жители). Исто така, во Војводина биле згрижени и извесен број семејства од Егејскиот дел на Македонија – бегалци од Граѓанската војна во Грција, а биле отворени и неколку интернатски домови за децатабегалци без родители (во Бела Црква и во други места). Во Булкес биле згрижени околу 6.000 Македонци и Грци од Движењето на отпорот во Грција. Според повоените пописи, бројот на Македонците во Војводина варирал: од 9.090 Македонци (1948), 10.726 (1953), 15.190 (1961, од кои 8.571 од машки и 6.619 лица од женски пол), 18.897 (1971) и 11.785 (2002) или 0,58% од вкупното население. Нема околија без Македонци, а најмногу ги има во Панчевачката и Вршачката околија. ЛИТ.: Д-р Симо Младеновски, Банатското село Јабука, Скопје, 1986; истиот, Македонците во Војводина, Нациите, малцинствата и балканската соработка, „Гоцеви денови” – Делчево, 1987, 345–350; истиот, Многувековни врски на жителите од Македонија и Војводина, „Македонска виделина”, И, 1, Панчево, декември 2006, 15. С. Мл. Жамила Коломонос КОЛОМОНОС, Жамила Исак