КОЛОНИЗАЦИЈАТА на Егејскиот дел на Македонија (1913 – 1928) – државно и меѓународно стимулиран имигрантско-емигрантски процес. Паралелно со протерувањето на македонското население по силата на Нејскиот договор (1919) и Лозанскиот мировен договор (1923), грчката држава спроведувала колонизација на Егејскиот дел на Македонија за да го смени етничкот состав на населението. Колонизацијата се вршела со население од стара Грција (внатрешна колонизација) и со грчко и негрчко христијанско население дојдено од други земји (надворешна колонизација). Со внатрешната колонизација во Егејскиот дел на Македонија од 1913 до 1928 г. биле колонизирани 53.056 Грци, а со надворешната колонизација биле колонизирани 565.143 души (Грци, Караманлии, Ерменци и припадници на разни кавкаски народи). Во тој период биле колонизирани 618.199 лица, различни по своето потекло, јазик и културни традиции. Грчката колонизација имала тешки етнојазични последици за македонскиот народ. Со големата грчко-христијанска колонизација Македонците го загубиле својот етнички историски статус – од народ (најмногуброен) станале малцинство во својата родна земја, а македонскиот јазик бил сведен на јазик на малцинство. И при сите тие насилни промени во етничката историја на Јужна Македонија од страна на новиот грчко-маџирски етнички асимилаторски систем, македонското население давало отпор и опстојало како национално малцинство на својата земја. ЛИТ.: С. Киселиновски, Грчката колонизација во Егејска Македонија (1913–1940), Скопје, 1981; истиот, Етничките промени во Македонија (1913–1995), Скопје, 2000. Ст. Кис.