ЗАЕМНИ УЧИЛИШТА

ЗАЕМНИ УЧИЛИШТА -. основни училишта, карактеристични по начинот на изведувањето на наставата. Во Македонија биле најраспространети во периодот од 30-тите до 70-тите години на ⅩⅠⅩ в. Нивната работа била организирана според Бел-Ланкастерскиот систем, за што е карактеристичен процесот на заемно поучување, односно постарите ученици, под водство на учителот, ги подучуваат помладите ученици. Ваква организација на наставата, пред сè, била последица на недостиг од учители. Во овие училишта, освен основна писменост (читање, пишување и сметање), се добивале и елементарни знаења од граматика, географија, аритметика, историја, црковна историја и др. Се состоеле од 2 или 3 одделенија. Се смета дека првите вакви училишта ги отворил Јордан Хаџи-Константинов – Џинот во Велес (1837) и во Скопје (1848) (в. Световни училишта).ЛИТ.: Р. Кантарџиев, Историја на образованието и просветата во Македонија, Скопје, 2002. К. Камб.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *