ЕГЕЈСКИ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА

ЕГЕЈСКИ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА – дел од Македонија под власта на Грција. По Букурешкиот мировен договор (10. Ⅷ 1913) Грција добила 34.356 км² или 51% од македонската територија. Според јазикот што се зборувал во семејството, во Егејскиот дел на Македонија живеел македонскиот народ и национални малцинства (Турци, Евреи, Грци, Власи и Роми). За обезбедување на своето трајно владеење, грчките влади се стремеле да го сменат етничкиот карактер со протерување на македонското (христијанско и муслиманско) и турското население, како и со колонизирање на инородно население. По силата на Нејскиот (1919) и Лозанскиот мировен договор (1923), од Егејскиот дел на Македонија биле протерани 436.000 Македонци и Турци и на местото на иселеното македонско население грчките влади колонизирале 618.000 доселеници. Македонското име и македонскиот јазик биле забранети. Македонските имиња и презимиња биле грцизирани. Се прогонувала македонската народна свест, кириличното писмо и јазикот. Македонскиот отпор минувал низ две фази – пасивен и организиран, активен отпор против грчката политика на денационализација и асимилација. Со основањето на ВМРО(Об), во барањето сојузници се ориентирале кон грчката левица (КПГ), која била единствената политичка сила што го признавала македонскиот етнички идентитет. Во Втората светска војна Македонците од Егејскиот дел на Македонија активно и масовно учествувале во антифашистичката борба, организирани во македонско национално движење, со фомирање Македонски народноослободителен фронт (СНОФ) и Македонска војска (СНОВ). Во тоа време се афирмирале македонски национални вредности (просвета, весници и училишта на македонски јазик, културно-уметнички друштва). По договорот од Варкиза, македонското име и македонскиот јазик повторно биле забранети и грчката држава почнала да спроведува политика на бел терор против македонското население. Во почетокот на Граѓанската војна (1946–1949), со КПГ била склучена спогодба за заедничка борба за преземање на власта и за разрешување на македонското национално прашање со признавање на правото на самоопределување. Во услови на национално-политичко организирање и развивање на националната културна дејност, тоа бил период на нова афирмација на македонските национални вредности со образованието (македонски училишта со 10.000 ученици), весниците на македонски литературен јазик, богослужбата на македонски јазик итн. По Граѓанската војна од Грција биле протерани уште 30.000 Македонци, кои заминале во источноевропските земји. По 1990 г. во Егејскиот дел на Македонија е формирана првата легална национална македонска политички партија „Виножито”, која дејствува за признавање на македонското национално малцинство во Грција и на националните права (образование, литература, весници, емисии на македонски јазик, како и застапеност на македонскиот во администрацијата). ЛИТ.: С. Киселиновски, Егејскиот дел на Македонија (1913–1989), Скопје, 1990; истиот, Етничките промени во Македонија (1913–1995), Скопје, 2000. Ст. Кис.

Напишете коментар