ДЕМОКРАТСКА МАКЕДОНИЈА

ДЕМОКРАТСКА МАКЕДОНИЈА (2. Ⅷ 1944 – 15. Ⅳ 1945) – првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) одржано на ослободената национална територија во манастирот „Св. Отец Прохор Пчињски”, на Илинден (2. Ⅷ 1944), го прогласи создавањето на македонската национална држава во Вардарскиот дел на Македонија – Демократска Македонија, како рамноправна единица во државната заедница со другите национални држави во ДФ Југославија (за што не бил усвоен и посебен акт). Создавањето на македонската национална држава било прифатено од водечките Сојузнички сили: САД, Велика Британија и Советскиот Сојуз и поздравено на Заседанието од водачите на нивните воени мисии во Македонија. По прогласувањето на создавањето се извршило конституирањето на македонската национална др-Народен собор во дворот на манастирот „Св. Прохор Пчински” (2. Ⅷ 1944) жава. АСНОМ се прогласил за врховно законодавно и извршно народно претставничко тело на Македонија и на македонската држава. Со тоа народното претставничко тело одговорило на волјата на целиот македонски народ и македонската национална држава во Вардарскиот дел од Македонија презела пиемонтска обврска за обединување на Македонија. Во Манифестот до македонскиот народ од Собранието било прокламирано пред целата светска јавност неотстапно обединување на целиот македонски народ со примена на правото на самоопределување. Илинден, 2 август бил прогласен за државен празник, со што бил потенциран континуитетот на македонската национална државност. Македонскиот јазик бил прогласен за службен јазик во македонската држава. АСНОМ објавил дека законодавната власт ќе ја извршува на пленарни заседанија и преку Президиумот, а извршната власт Президиумот со функција на Народна влада. За претседател на АСНОМ и на Президиумот бил избран Методија Андонов–Ченто. Македонија се конституирала како суверена демократска парламентарна држава во која сите граѓани се еднакви и се рамноправни пред законите, независно од нивната народност, пол, раса и вероисповед. АСНОМ усвоил и објавил посебна Декларација за основните права на граѓаните на Демократска Македонија. На националните малцинства, Демократска Македонија, им ги обезбедувала сите права на слободен национален живот. На сите граѓани им гарантирала сигурност на личноста, на приватната сопственост и сигурност на имотот; човекови права и слободи; слобода на говор, собирање и здружување, општо еднакво непосредно изборно право со тајно гласање, слобода на печатот. Президиумот (од 17 члена и 2 потпретседатели) со функции на законодавен дом и Влада, до 28. Ⅻ (до Првото вонредно заседание на АСНОМ) ги донело системските документи и другите основни акти со кои се уредувале: правниот поредок, законодавната, судската и извршната власт, како и прописите за органите на државната власт во виталните области: стопанството, трговијата и финансиите, даночната политика и буџетот, социјалата и просветата. Внатрешниот ред го обезбедувала Народна милиција и службата на Одделението за заштита на народот (ОЗНА). Македонската војска ги обезбедувала државните граници и фукционирањето на царинските пунктови на границата со Бугарија (Деве Баир и Царево Село), со Грција (Дојран, Гевгелија, Градешница кај Битола) и со Албанија (Св. Наум, Радожда, ќафасан и Горна Белица). Поверенството за внатрешни работи презело безбедносни мерки на северната граница за спречување непријателско дејствување од Србија. На југословенските поданици што живееле во Македонија (до 1941) привремено им би-ло забрането враќање во македонската држава. Македонија имала, во Софија, Привремено македонско претставништво, билатералните односи со ОФ Бугарија имале карактер на меѓудржавни односи. Поверенство за надворешни односи, иако било потребно од внатрешнополитички причини, не било основано. Президиумот воспоставил правен поредок на целата државна територија, со функционална судска власт. Поверенството за стопанство применило мерки за обновување на стопанството, за регулирање на внатрешниот пазар и за спречување на шпекулативната трговија. Поверенството за финансии применило мерки за контрола на паричната маса и за спречување на инфлацијата. За финансирањето на државата, покрај редовните даноци, бил воведен еднократен вонреден данок. За 1945 г. бил проектиран редовен државен буџет. Самостојноста и сувереноста на Македонија Президиумот ја потенцирал и во упатставата за организацијата и работата на органите на државната власт (20. Ⅹ 1944) со укажување дека АСНОМ ја изразува националната слобода и државната независност и дека е носител на суверенитетот на Македонија. До радикален пресврт дошло по интервенирањето од Белград во внатрешните работи на македонската држава. На Заседанието на АСНОМ (15. Ⅳ 1945) биле извршени промени во законодавната и во извршната власт со донесување на потребните закони: Закон за изменување и дополнување на Решението на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија за конституирање на АСНОМ како врховен законодавен и извршен орган на државната власт во Демократска Македонија, со кој била прогласена за федерална држава на ДФЈугославија и Закон за именување Влада на Демократска Федерална Македонија, формирана под претседателство на Лазар Колишевски (16. ИВ), по што сета власт ја презела Комунистичката партија на Македонија. ЛИТ.: АСНОМ 1944–1964, Зборник на документи, Скопје, 1964; АСНОМ, документи од Првото и Второто заседание, И, 1–2, Скопје, 1984. М. Мин. ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА – граѓанска политичка партија сместена во политичкиот центар, регистрирана кон крајот на XI 2005 г. На парламентарните избори во 2006 г. освои едно пратеничко место во Собранието на РМ. Учествува во составот на Владата на РМ, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, ДПА, НСДП, СПМ и ПЕИ. Лидер на ДОМ е Лилјана Поповска. ЛИТ.: Светомир шкариќ, Уставно право, Скопје, 2006; Гордана Силјановска-Давкова, Македонске политицке партије кроз призму идеологије, Београд, 2007. Ѓор. И.