ДЕДОВ, Стефан Јакимов

ДЕДОВ, Стефан Јакимов (Јаќимов) (Охрид, 28. Х 1869 – Софија, 19. IX 1914) – организатор на Македонскиот клуб со читалиште во Белград и сопственик на весникот „Балкански гласник” (1902), што прв јавно го прокламира македонскиот литературен јазик со фонетскиот правопис, а по забраната на Клубот и укинувањето на весникот, заедно со Д. Т. Мишајков, со препорака од рускиот амбасадор, одат во С.-Петербург и стануваат членови-основачи на МНЛД (28. Ⅹ 1902) и потписници на првата македонска комплетна и комплексна националноослободителна програма во вид на Меморандум до Руската влада и до Советот на СПбБО во СПб (12. XI 1902). Се школува во Охрид и учителствува во Македонија, потоа работи како телеграфско-поштенски чиновник во Берковица и Русе (Бугарија), студира на Правниот факултет во Белград (1898–1902) за да може „да $ послужи на својата татковина и на нејзините интереси”. Тука ги организира македонските емигранти и печалбари во посебни македонски асоцијации, го формира Македонскиот клуб и со Д. Т. Мишајков го издаваат в. „Балкански гласник”, во којшто првпат беа изложени програмските основи на „новото” македонско национално движење: Македонците како посебна словенска нација, македонскиот како одделен литературен јазик со фонетски правопис, Охридската архиепископија, како македонска национална црква, и Македонија, како автономна или самостојна балканска држава, или, пак, како рамноправна единица на балканска федерација или конфедерација. Кога Македонскиот клуб подготви меморандум за Македонија до големите сили, организаторите беа жестоко нападнати од печатот и изгонети од Србија. Дедов и Мишајков го иницираат формирањето на МНЛД (во соработка со К. Мисирков, Д. Чуповски и други македонски студенти во С.-Петербург) и по средбите со високите политички кругови на Русија го поднесуваат историскиот Меморандум на Другарството до руската Влада и до С.-Петербуршкото словенско благотворно друштво. Потоа Д. заминува во Софија за да дејствува сред македонската револуционизирана емиграција, а наскоро и Мишајков се враќа во Битола (1903) за да подготвува почва за отворање македонски училишта, непосредно спроти очекуваните илинденски настани. Во Софија Д. почнува да го издава неофицијалниот орган на МНЛД в. „Балканъ” (на бугарски јазик со уводниците и на руски), во којшто објавува и дел од Програмата на Другарството. По Илинденското востание го издава својот трет орган на „Новото движење” в. „Куриеръ” (1904). Сестрано го помага печатењето на книгата „За македонцките работи” од К. Мисирков (1903), а со Е. Спространов се подготвуваат за издавање весникАвтономна Македонија”. Соработува во „Балкански куриеръ” (1905), „ДенÏ” и во други софиски весници (најчесто под псевдонимот Ридски или Р.). Кога почнува Првата светска војна, под претекст дека е близок до веќе завојуваната Србија, Д. е убиен во Софија (од соработникот на Т. Александров Славе Иванов). ЛИТ.: Д-р Блаже Ристовски, Крсте П. Мисирков (1874–1926). Прилог кон проучувањето на развитокот на македонската национална мисла, Скопје, 1966, 61–811; – Димитрија Чуповски (1878– 1940) и Македонското научно-литературно другарство во Петроград, И, 1978, 172–177. Бл. Р.