ДАЧОВ, Стерио

ДАЧОВ, Стерио (с. Старичани, Костурско, 1917) – национален деец. Пред Втората светска војна се вклучил во комунистичкото движење. Бил политички комесар на резервен баталјон на ЕЛАС (1943-1944), член на Окружниот комитет на КПГ за Костурско (1945-1946), политички комесар на баталјон на ДАГ (1947-1949) и секретар на Окружниот комитет на Комунистичката организација на Егејска Македонија (КОЕМ, мај-август 1949). По Граѓанската војна во Грција бил истакнат деец и член на Претседателството на Организацијата „Илинден“ на Македонците-бегалци од Егејскиот дел на Македонија во источноевропските земји (април 1952 – јуни 1956). С. Мл.