ДАЛКАЛЧЕВ, Христо

ДАЛКАЛЧЕВ, Христо (с. Владово, Воденско, 1878 – Софија, по 1944) – просветен и национален деец, унив. професор. Ја завршил Духовната семинарија во Цари-град, а потоа како главен учител во Гевгелија бил раководител на МК на ТМОРО. Одржувал писмени контакти со четите на војводите Сава Михајлов и Апостол Петков Терзиев. Со намера да студира медицина, во време на Бајалската афера (1902) преку Бугарија емигрирал во С.-Петербург, а потоа, од здравствени причини, се запишал на Медицинскиот факултет во Киев. Бил особено активен член на тамошниот ТМОК. По Првата светска војна бил избран за член на седумчлената Неутрална обединителна комисија за надминување на поделеноста на македонската емиграција во Бугарија (24. Ⅶ 1919). Противставувајќи се на врховизмот, заедно со други 62 делегати, демонстративно го напуштил Вториот голем собир на македонските братства и на Извршниот комитет (18. Ⅹ 1920) и влегол во состав на новоформираната Привремена комисија на македонската емиграција во Бугарија. Бил и член на раководството на Македонската емигрантска федеративна организација (МЕФО). Се застапувал за „Македонија за Македонците како наполно независна политичка единица од балканските држави, што гарантира апсолутни еднакви права на сите етнички елементи што ја населуваат.“ Работниот век го завршил како универзитетски професор во Бугарија. ИЗВ.: Отчет на Временната комисия на македонската емиграция в Б„лгария за времето от 1 ноември 1920 г. до 31 •ли 1921 г., „Автономна Македония“, И, 37, София, 22. Ⅷ 1921, 2; Заседанията на Макед. учред. федеративен конгрес, на истото место, Ⅱ, 52, София, 15. Ⅻ 1921, 1; Отчет на Временната комисия на македонската емиграция в Б„лгария за времето от 1 ноември 1921 г. до 4 декември 1921 г., на истото место, 4; Димит„р А. Ефтимов, Борбите на прогресивната македонска емиграция в Б„лгария. (Спомени и исповеди), кн. п„рва, Варна, 1935 (ракопис); Никола Киров-Майски, Ⅴ строй за Македония. Исторически факти, бележки и документи, кн. И, София, 1957 (ракопис во ИНИ). ЛИТ.: Д-р Блаже Ристовски, Крсте П. Мисирков (1874-1926). Прилог кон проучувањето на развитокот на македонската национална мисла, Скопје, 1966, 231– 232, 752 и 763; истиот, Димитрија Чуповски (1878-1940) и Македонското научнолитературно другарство во Петроград. Прилози кон проучувањето на македонско-руските врски и развитокот на македонската национална свест, Скопје, 1978, 161–162 и 225; истиот, Портрети од македонската литературна и национална историја, Ⅱ, Скопје, 1989, 83, 181, 202 и 205; М-р Надежда Цветковска, Политичката активност на македонската емиграција во Бугарија од 1918 до 1929 година, Скопје, 1990, 72, 77 и 81–83. С. Мл.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *