ГРЧКО-МАКЕДОНСКА ТУПАНИЦА

ГРЧКО-МАКЕДОНСКА ТУПАНИЦА (1926) – грчка националистичка и терористичка организација во Егејскиот дел на Македонија во периодот меѓу двете светски војни, формирана по Грчко-турската војна што дејствувала во Костурско, Леринско, Воденско, Кајларско итн. Организирани групи ги крстосувале македонските села и го тероризирале македонското население за „доброволно” да се иселува во Бугарија или во прекуокеанските земји (Канада, САД и Австралија). Со прогласи ги предупредувале Македонците (од 2 до 80 години) дека е строго забрането користењето на македонскиот јазик. ЛИТ.: Хр. Андоновски, Вистината за Егејска Македонија, Скопје, 1971; С. Киселиновски, Грчката колонизација во Егејска Македонија (1913–1940), Скопје, 1981. Ст. Кис.