ГРИГОРОВИЧ, Виктор Иванович

ГРИГОРОВИЧ, Виктор Иванович (1810-1876) – руски славист од украинско потекло, иницијатор во процесите на словенската пробуда и преродба на Македонците, професор и титулар на катедрите по словенска филологија на универзитетите во Казан, Одеса и Москва кон средината на ⅩⅠⅩ в., афирматор на словенската народонаука во Русија, сестран зналец на Словенскиот Југ, аниматор на кирилометодиевското прашање во науката. Во Македонија престојувал во текот на 1844/5 г. и во Охрид и Струга се среќава со Димитрија Миладинов, кого го придобива за раздвижување на словенското дело. Заслугата на Виктор Иванович Григорович во преродбенските процеси на Словените на Балканот се бројни: одржувал врски со најистакнатите имиња на јужнословенските народи од тој период: Вук Караџиќ, Људевит Гај, Франце Прешерн, Георги Раковски, Димитрија Миладинов, успеал да присобере повеќе словенски ракописи од Ⅻ в. па наваму и да ги зачува за науката, успеал да му го сугерира на Димитрија Миладинов собирачкото дело на усната народна традиција кај Македонците и да му предложи пишување на граматика, успеал да ги воочи и да ги предочи меѓу првите јазичните разлики меѓу бугарскиот и македонскиот јазик. Поважни дела му се: „Опис на патувањето низ Европска Турција” (Казан, 1848), „Донесенија од патувањата по словенските земји” (Казан, 1915), „Словенските наречја”, лекции на проф. В. И. Григорович (Варшава, 1884). Г. Т. ГРИГОРОВИЧЕВ ПАРИМЕЈНИК – најстар кирилички паримејник, крајот на Ⅻ – поч. на ⅩⅠⅠⅠ в., 104 л., Москва, РГБ, сигн. Григ. 2 (М. 1685). Пронајден во Хилендарскиот манастир во 1844 г. од В. И. Григорович. Ракописот претставува палимпсест испишан врз текст на грчко ев. Препишан е од архаична предлошка со траги од глаголичка традиција. Ги чува особеностите на кирилометодиевскиот архетип, и покрај траги од ревизија на која текстот бил подложен во Македонија во Ⅹ в. Правописот е едноеров (само 7), тријусов (4, 3, 2), со нормирана замена на носовките. Преписот може да се лоцира во Јужна (југоисточна) Македонија, на што укажува особено мешањето на 7ѕ со 7, кое сведочи за задржување на неговиот посебен изговор, вокализацијата на ерот во сложените придавски форми (тип доброи), деназализацијата 4 > 7> широкиот изговор на јатот и неговото совпаѓање со рефлексот на малата носовка, зачетоците на редукцијата на вокалите. Некои од овие појави денес се познати само во архаичните говори од Солунско (Сухо, Висока). Морфо-синтаксичките и лексичките особености застапени во овој текст сведочат за великоморавското потекло на преводот на паримејникот. Врз оваа архаична основа се напластени значајни иновации карактеристични за јазикот на македонската црковнословенска писменост. Релативно високиот степен на стабилноста на лексичката норма со недоследно внесени подновувања потврдува јасно надоврзување на старите охридски традиции. Издаден од З. Рибарова и З. Хауптова. Постарото издание на Р. Брандт (1894, 1900, 1901) ги содржи само л. 1р– 49р22, но донесува извонредно богат критички апарат. ЛИТ.: З. Рибарова, З. Хауптова, Григоровичев паримејник И. Текст со критички апарат, Скопје, 1998; З. Рибарова, Јазикот на македонските црковнословенски текстови, Скопје, 2005, 57–73, 145–170. Зд. Р.